Трговците кои работат во зоната на сивата економија во земјава се за педесет проценти поконкурентни од регистрираните фирми. Нивните трошоци се значително пониски, тие не плаќаат ДДВ, ниту пак социјално и пензиско осигурување, со што не само што го оштетуваат буџетот, туку своите производи и услуги ги продаваат за значително пониски цени – реагира денеска Сојузот на стопански комори. Оттаму сметаат дека сузбивањето на неформалната економија и понатаму е клучен предизвик за домашното стопанство за да се обезбеди деловен амбиент во кој приватните компании би работеле под еднакви и фер услови.

Анализите на Сојузот на стопански комори покажуваат дека во моментов, особено на удар се малите и средни претпријатија кои сочинуваат 99,7 проценти од сите компании и имаат учество од 70 отсто во бруто домашниот производ.
Сивата економија ги дестимулира компаниите да инвестираат, со тоа што ги руши основите на еднаквост врз кои се темели пазарниот систем – потенцира Сојузот, кој бара итно справување со оваа појава. Во таа насока, бизнисмените ја потенцираат потребата од јакнење на свеста дека сивата економија е штетна за сите граѓани. Тешко е во услови на сиромаштија да се спречи оваа појава, но нејзиното намалување ќе го зголеми обемот на работа кај оние кои работат и плаќаат данок, а со тоа и ќе придонесе за природно општо намалување на продажните цени – смета бизнис секторот.
Оттаму денеска со порака – субјектите кои работат регистрирано да се релаксираат од инспекциски надзори со цел намалување на трендот кон тивок премин во сивата зона. Потребна е здружена акција и искористување на соодветните механизми, со цел менување на перцепцијата дека неформалната е сигурна зона каде нема контроли и казни. Во спротивно и оние кои работат во согласност со законите и плаќаат даноци, тивко ќе почнат да преоѓаат во сивата зона – предупредува Сојузот.
Анализите на Светска банка покажуваат дека учеството на компаниите кои се соочуваат со нерегистрираните или неформални вршители на дејност во Македонија е 55, 5% или најмногу во регионот пред Црна Гора со 52,4%, Хрватска со 48,2%, Албанија со 40,2%, Србија со 37,5% и Словенија со 26,5%.


