Нерегистрираните трговци двојно поконкурентни од регистрираните – алармира Сојузот на стопански комори – ММС
ММС

Објавено на: 03/26/19 2:01 PM

Нерегистрираните трговци двојно поконкурентни од регистрираните – алармира Сојузот на стопански комори

Трговците кои работат во зоната на сивата економија во земјава се за педесет проценти поконкурентни од регистрираните фирми. Нивните трошоци се значително пониски, тие не плаќаат ДДВ, ниту пак социјално и пензиско осигурување, со што не само што го оштетуваат буџетот, туку своите производи и услуги ги продаваат за значително пониски цени – реагира денеска Сојузот на стопански комори. Оттаму сметаат дека сузбивањето на неформалната економија и понатаму е клучен предизвик за домашното стопанство за да се обезбеди деловен амбиент во кој приватните компании би работеле под еднакви и фер услови.

Анализите на Сојузот на стопански комори покажуваат дека во моментов, особено на удар се малите и средни претпријатија кои сочинуваат 99,7 проценти од сите компании и имаат учество од 70 отсто во бруто домашниот производ.

Сивата економија ги дестимулира компаниите да инвестираат, со тоа што ги руши основите на еднаквост врз кои се темели пазарниот систем – потенцира Сојузот, кој бара итно справување со оваа појава. Во таа насока, бизнисмените ја потенцираат потребата од јакнење на свеста дека сивата економија е штетна за сите граѓани. Тешко е во услови на сиромаштија да се спречи оваа појава, но нејзиното намалување ќе го зголеми обемот на работа кај оние кои работат и плаќаат данок, а со тоа и ќе придонесе за природно општо намалување на продажните цени – смета бизнис секторот.

Оттаму денеска со порака – субјектите кои работат регистрирано да се релаксираат од инспекциски надзори со цел намалување на трендот кон тивок премин во сивата зона.  Потребна е здружена акција и искористување на соодветните механизми,  со цел менување на перцепцијата дека неформалната е сигурна зона каде нема контроли и казни. Во спротивно и оние кои работат во согласност со законите и плаќаат даноци, тивко ќе почнат да преоѓаат во сивата зона – предупредува Сојузот.

Анализите на Светска банка покажуваат дека учеството на компаниите кои се соочуваат со нерегистрираните или неформални вршители на дејност во Македонија е 55, 5% или најмногу во регионот пред Црна Гора со 52,4%, Хрватска со 48,2%, Албанија со 40,2%, Србија со 37,5% и Словенија со 26,5%.