Центарот за управување со кризи соопшти дека до 12 часот денеска, во земјава се активни повеќе пожари.
Во тетовскиот регион, актиевн е пожарот во Национален парк Јасен каде зафатена е ниска дабова и букова шума на површина од околу 60-70 хектари, а исто така изгорени се и неколку бандери за пренос на електрична енергија. На терен се неколку вработени од националниот парк кои го следат пожарот. За пожарот во Јасен се известени и ЈП Македонски шуми – Лешница, бидејќи Јасен се граничи и со шума на Македонски шуми.
Во охридскиот регион се уште е активен пожарот во атарот на село Зајас Џумаа. Екипа од вработени на Лопушник учествуваат во гаснење на пожарот каде е опожарена борова и нискостеблеста шума.
Се уште е активен и пожарот во општина Македонски Брод каде гори дабова шума, лисна постилка и смрека. Во моментов ангажирани се лица од Шумското стопанство „Сандански“. Утрово е обновен пожарот кај село Букојчани. Во неговото локализирање ангажирани се вработени од Шумското стопанство Лопушник. Опожарена е нискостеблеста шума и бор.
Во битолскиот регион, локализирани се пожарите во атарите на селата Цапари, Ротино, Змирнево и Драгожани.
Локализиран е и пожарот на територијата на Демир Хисар, на нискостеблеста дабова шума во атарот на с.Сопотница. На терен заради догаснување во моментот се вработени од Шумското стопанство Бигла- Демир Хисар.
Активен пожар има над селот Избишта каде што од вчера се уште гори дабова шума. Опожарена е површина од над 50 хектари на тешко пристапен терен. Во моментот ангажирани се вработени од Шумското стопанство Преспа дрво.
Во велешкиот регион, пожарот во близина на с. Богомила и с. Мокрени е локализиран од страна на лица од Шумското стопанство Бабуна и доброволци од Општина Чашка.
Во штипскиот регион, ТППЕ Берово интервенира на пожар на отворен простор во местото викано Мановски Чаркови, атар на Берово. Горат пасишта – сува трева.
Во кумановскиот регион, утрово избувна пожар во атарот на с. Руница – општина Липково, каде е ангажирана една екипа на шумското стопанство.


