Џафери: Работите одат во позитивна насока, но треба да поработиме на политичката култура – ММС
ММС

Објавено на: 03/26/19 12:43 PM

Џафери: Работите одат во позитивна насока, но треба да поработиме на политичката култура

Нивото на политичката култура е нешто на што треба да поработиме – порача денеска собранискиот спикер, Талат Џафери. Тој беше еден од говорниците на конференцијата „Транспарентноста на Собранието како предуслов за вклученост на граѓаните, добри практики од граѓанските организации во Велика Британија“.

Настанот го организираше Асоцијацијата МОСТ, а иако Џафери во своето обраќање потенцираше дека без вистинска транспарентност нема парламентарна демократија, тој си замина веднаш по излагањето, одбегнувајќи ги новинарските прашања.

„За да се достигне високо ниво на транспарентност во работењето на Собранието потребни се повеќе предуслови. Од конкретна нормативна рамка па се’ до високо развиено чувство за одговорност, како и соодветна политичка култура на сите нас кои сме вклучени во остварувањето на основните функции на секој парламент а тоа се донесување на квалитетни закони, потоа надзорната функција и секако претставничката димензија. Ако ги погледнеме состојбите кај нас, мислам дека нормативниот дел во кои влегуваат Уставот, Деловникот и Законот за Собрание е добар и дава можности за квалитетна транспарентност. Но, ако сме малку самокритични, ќе признаеме дека имаме инсуфициенција кога станува збор за одговорноста, додека нивото на политичката култура е нешто на што треба да поработиме. Сепак, работите одат напред и тоа во многу позитивна насока. Во овој мандатен период, парламентарното мнозинство успеа да го врати во Собранието, јас би рекол, духот на парламентарната демократија. А верувам дека и опозицијата го прифати овој тренд и дава свој соодветен придонес“, изјави Џафери.

Британската амбасадорка во земјава, Рејчел Галовеј посочи дека без отвореност кон луѓето не може да има јавно знаење за работата на парламентот.

„Граѓанското општество секако има одговорност во гарантирањето на отчетноста и ефикасноста на институциите, а парламентите исто така мора да побараат поголема организација и поголема соработка со невладините, но и Антикорупциската комисија“.

Претседателот на Асоцијацијата МОСТ, Дарко Алексов забележа дека 14 собраниски комисии нередовно ги усвојуваат записниците од седниците, а тоа според него сериозно влијае на транспарентноста:

„За жал, може да изброиме 14 комисии кои нередовно ги усвојуваат записниците и тоа е голема болка во изминатите две ипол години, бидејќи и во меѓусебни средби со претседателите на комисиите не успеавме да објасниме дека записникот станува официјален во моментот кога ќе биде усвоен. Тоа значи дека не може да биде објавен на веб страницата на Собранието, граѓаните немаат можност официјално да видат што се случувало на таа седница“.