Околу 80 хектари сува трева и ниско стеблеста шума изгореа викендов во пожарот кој зафати дел од месноста „Северова падина“ во близина на селото Манастирец, а беше вистинска закана и за боровата шума на Љубаш.
Пожарникарите повеќе од 10 часа се бореа со огнената стихија, која најверојатно беше причинета од несовесни граѓани кои и покрај честите апели продолжуваат да палат меѓи и стрништа, но и да ги спалуваат остатоците од кроење.
Покрај пожарникарите од кавадаречката противпожарна единица, на помош беа и вработени во подружницата на Македонски шуми и ЈП Комуналец.
Командирот на противпожарната единица, Александар Чадамов нагласи дека имале тешка задача, да спречат ширење на пожарот на многу поголема површина.
Од почетокот на годината досега се регистрирани над 100 пожари на отворен простор кои се причинети поради несовесен однос на поединици.
„Зачестената појава на шумски пожари во последниов период на територијата на целата држава претставува огромен атак на шумскиот фонд со кој стопанисува ЈП Македонски шуми“ – вели директорот на Македонски шуми, Зоран Ѓорѓиев.
И покрај сите апели и предупредувања, оваа немила појава продолжува. Во гаснењето и локализирањето на пожарите учествуваат огромен број на вработени, кои и покрај, условно кажано, добрата опременост и натчовечките залагања, но резултатите се вообичаено на штета на шумите.
Надлежните најавуваат ригорозни казни за сите пиромани кои и во иднина ќе палат оган на отворен простор и со тоа ќе ја загрозуваат животната средина.
Ангел Данов



