Повеќе од два месеца АКМИС системите во судовите се под лупа на универзитетски професор, дознава 1ТВ. Тој треба да го направи вештачењето кое го побарало скопското Обвинителство и да им одговори: Кој и кога го вклучувал, дали е исклучуван меѓу другото и дали е манипулиран електронскиот ситем за делење на предмети во судовите. Предметот е во предистражна постапка. Неофицијално дознаваме дека обвинителството ја преточи во истрага кога ќе заврши анализата и ќе открие кој манипулирал со електронскиот систем. Дека Обвинителството ќе ја бара оваа анализа, лани во декември во емисијата „Правда и неправда“ на 1ТВ зборуваше шефот на скопското обвинителство Сашо Рајчев.
„Она што ќе го финализира овој предмет, разрешница ќе има и јавно ќе се произнесеме, е една техничка експертиза, затоа што станува збор за информатички систем. Ни требаат експерти коишто ќе нѝ се произнесат – дали кога и од кога и од кого е пуштан пален гасен како се внесувани односно како не се внесувани тоа е една експертиза која ќе ги обезбеди клучните одговори“, рече лани во декември шефот на скопското обвинителство Сашо Рајчев во „Правда и неправда“ на 1ТВ.
Како биле делени предмети во кривичниот суд, од своето искусто во „Правда и неправда“ во вторникот, објасни судијката Добрила Кацарска.
„За тоа постојат докази, каде што јасно стои по предметот да постапува судијата Добрила Кацарска, со потпис од тогашниот претседател на судот. Не е еден, такви докази постојат повеќе и тоа не се едноставни предмети, тоа беа тешки предмети, но никако актуелен предмет, да се разбереме да ги разграничиме работите“, рече судијката Добрила Кацарска во интервју на 1ТВ за емисијата „Правда и неправда“.
Единствен кој беше на разговор лани во септември во обвинителството како осомничен е поранешниот претседател на кривичниот суд Владимир Панчевски.
„Посебно би сакал да кажам дека акцентот беше ставен на дефкетот којшто е во моментов во судот Скопје 1 – Скопје и тоа што АКМИС системот е закочен на судијата Кацарска“, изјави екс шефот на Кривичен, Владимир Панчевски,лани во септември откако беше испрашан во обвинителството.
Двајца обвинители работат на предистрагата за АКМИС Системите. Илјадници предмети во кривичниот суд ги проверувале, неофицијално претседателот на судот давал предмети на одредени судии. Предистрагата на обвинителството следи откако министерството за правда во декември 2017 го објави извештајот за електронското доделување на судските предмети.
Извор:Либертас


