Речиси сто години трае убавата традиција во Виница речиси цел град да се трка на Тодорица, празник што со векови се слави во овој град. Популарните Тодорови трки секоја година се одржуваат на самиот празник Тодорова сабота, со исклучок на годинава, кога беа поместени за следната сабота, бидејќи претходната од Министерството за образование беше прогласена за работна, па учениците мораа да одат на училиште, а тие се повеќе од 80 отсто од обично околу 1.000 учесници што учествуваат во трките.
Но, и една недела подоцна од традицијата, денеска Градскиот стадион во десетилјадната Виница, каде што се одржуваат Тодоровите трки, беше полн. Се тркаа околу 1.000 виничани од сите генерации и луѓе од виничките, кочанските и од каменичките села, а од трибините ги следеше четириилјадна публика.
А, на програмата, покрај класичните, традиционално се и атрактивите стари трки што во овој крај се практикувале пред 50, 100 години – трчање во вреќа, на патерици, клинкање, трчање со врзани очи, трчање наназад, трчање со јајце на лажица во устата, трчање со шише на главата, а имаше и натпревари во влечење јаже и во брзо јадење тортини…











