Врсничкото насилство или насилството меѓу учениците во основните и средните училишта е се’
поизразено – велат експертите. Покрај физичкото се’ почесто е присутно и сајбер насилството, кое се одвива на интернет. Резултатите од емпириски и теренски истражувања покажуваат фрапантни податоци за тоа дека учениците немаат доволно знаење и немаат развиено компетенции да го препознаваат насилното однесување, а и доколку се жртви на насилство, како треба да го пријават.

На оваа тема се обучуваат наставниците и стручните лица во кавадаречките основни и средни училишта.
„За жал, многу голем број од насилствата се случуваат и во училниците. Според учениците, тоа е на некој начин најбезбедното место во кое нема камери, а на малите одмори нема наставници. Како резултат на претходно вербално насилство, многу активното сајбер насилство преку социјалните мрежи, доаѓа до физичко и друг вид на насилство и во самата училница. Возраста од средно образование е веќе задоцнета приказна. За оваа проблематика треба да почне да се дејствува уште од рана училишна возраст. Треба да има развивање на свеста, малку погласно да се зборува за ова. Да има развиени знаења како кај наставниот кадар, така и кај семејствата“ вели Елизабета Томовска Илиевска, претседателка на Институт „Европа за тебе“ од Скопје.
Таа како доктор по педагошки науки е дел од тимот што ги обучува кавадаречките наставници и професори, како да се справуваат со насилството меѓу учениците. До крајот на овој месец и во април ќе бидат реализирани два циклуса на обуки.
„Многу размислувавме каков пристап да имаме на овие обуки и го почитуваме образовниот светски тренд, дека треба на оваа проблематика да се пристапува мултидисциплинарно. Од тој аспект, овој проблем ќе биде третиран од педагошки, психолошки, правен и социолошки аспект. Во секојдневието има различни насилни однесувања за кои не се говори многу“, нагласи Томевска Илиевска.
Со обуките се опфатени седумте основни и трите средни училишта во Кавадарци.
Ангел Данов


