Над 200 учесници денеска беа дел од градската трка што се одржа како дел од активностите за развој и поддршка на спортот во општина Берово. Освен заинтересирани граѓани, како што информираше Зоран Нешкевски, од организацискиот тим, на трката се натпреваруваа претежно ученици од основните и средните училишта во Берово.
– Првиот пролетен ден во Берово беше одбележан со традиционалната градска трка. На трката учество зедоа над 200 ученици како од централното училиште „Дедо Иљо – Малешевски“ од Берово, така и од подрачното училиште „Никола Петров – Русински“ од Русиново и гимназијата „Ацо Русковски“. Како дел од програмските активности, во трката беа вклучени и штитениците од Дневниот центар за лица со ментална или телесна попреченост од Берово. Доделивме награди за најдобрите во машка и женска конкуренција за основците, како и за најдобрите во машка и женска конкуренција за средношколци, истакна Нешкевски.
Иако првично беше предвидено трката да се одржи на потегот од улицата „Маршал Тито“ до влезот на училиштето „Дедо Иљо Малешевски“, оваа одлука беше променета по што своите атлетски способности, натпреварувачите ги проверија на теренот на градскиот стадион во Берово.


