Доживотната казна затвор за Радован Караџиќ – топ-тема во балканските медиуми – ММС
ММС

Објавено на: 03/21/19 10:58 AM

Доживотната казна затвор за Радован Караџиќ – топ-тема во балканските медиуми

Поранешниот претседател на Република Српска, Радован Караџиќ, вчера во Хаг беше осуден на доживотен затвор, откако е прогласен за виновен за геноцид, злосторства против човештвото и кршење на законите и обичаите на војување. Тој пред три години беше осуден на 40 години затвор за истите злосторства, а сега, по жалбената состапка, со второстепената преуда казната е зголемена на доживотна. Тоа вчера и денес е топ-тема во балканските медиуми, особено во Србија и во Босна и Херцеговина, а вчера попладне многу медиуми вршеа и директен пренос од соопштувањето на пресудата.

Во Србија и во Бих пресудата е прифатена различно. Српските електронски медиуми вчера и весниците, кои утринава осамнаа со насловни страници на кои доминира Караџиќ, донесуваат наслови, како: „Комична пресуда на Хашкиот трибунал“; „Неправда, ова е пресуда за цела нација“; „Неправдата боли, кога Клинтон, Блер, Тачи и другите убијци ќе одговараат“; „Пресудата од душманите е твоја победа“; „Пресудата не е конечна, има право на ревизија“…

Босанските медиуми, пак, со наслови: „Заслужена казна за злосторникот“; „Мајките од Сребреница: Измешани чувства на олеснување и незадоволство“; „Казната на Караџиќ – задоволување на правдата“; „Пресуда на геноцидната идеологија и на големосрпскиот проект“; „Каде злосторникот Караџиќ ќе ја служи доживотната казна затвор?“…