Откако скопскиот Кривичен суд му одреди куќен притвор на поранешниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски, од неговата партија ГРОМ, денеска реагираа дека на актуелната власт и’ требаат обвинети, уценети и замолчени политички противници.
Јакимовски не е осомничен за криминал или корупција, туку затоа што премноу направил за граѓаните на општината – тврди неговиот сопартиец, Љупчо Пренџов. Тој ги оцени како бизарни сомнежите дека Јакимовски како градоначалник на Карпош, заедно со уште четворица вработени во општината, противзаконски легалзиирале бараки на улицата Илинденска.
„За тие парцели на Илинденска сакам само да кажам дека на прес конференцијата во МВР беа кажани многу работи кои не се точни, многу факти коишто ја даваат целосната слика беа намерно или случајно изоставени, така што ние како политичка партија ќе имаме посебна прес конференција за да и’ објасниме на јавноста што навистина таму се случувало. Таму воопшто нема никаков случај. Се’ е направено согласно закон, луѓето си ги искористиле тогашните позитивни законски прописи. Низ годините како што с еменувале законите, го направиле тоа што го направиле. Ресторан Имес не беше времен објект. Таму е направен времен објект од 50 квадрати во 1964 година, за потоа во 1988 да биде направен ресторан тврда градба, легализиран“, истакна Пренџов.
Иако Обвинителството за организиран криминал и корупција бараше притвор, на екс градоначалникот му беше одредена поблага мерка, односно куќен притвор и тоа поради здравствени причини. Тој е осомничен дека од 2011 до 2017 година, на три правни и едно физичко лице им овозможил да легализираат монтажни бараки со што се стекнале со државно земјиште кое неколкуратно поскапо го препродале на инвеститори кои сега на тоа место градат згради.


