АВМУ: Двете вработувања се на определено време за мониторинг на претседателските избори – ММС
ММС

Објавено на: 03/20/19 3:58 PM

АВМУ: Двете вработувања се на определено време за мониторинг на претседателските избори

Откако Aнтикорупциската комисија соопшти дека отвора предмет за две вработувања во  Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во изборен процес, Агенцијата  реагираше преку писмено соопштение, појаснувајќи дека тие вработувања се во функција на испочнување на нивната законска обврска за следење на изборното медиумско претставување за претседателските избори.

-Согласно Изборниот законик, АВМУ е должна да го следи изборното медиумско претставување од денот на распишување до завршувањето на изборите. Имајќи го предвид бројот на радиодифузери, Агенцијата нема ни приближно доволно човечки ресурси за спроведување на надлежностите и обврските утврдени со Изборниот законик, поради што години наназад за време на изборни циклуси ангажира надворешни соработници за мониторинг на програмите како и за изготвување мерки за констатираните прекршувања . Соработниците се ангажираат преку Агенција за привремени вработувања, врз основа на утврдените потреби и барања од секторите во Агенцијата чија работа е поврзана со изборните процеси. Работниот ангажман на овие соработници е со ограничено времетраење, односно до завршување на активностите на Агенцијата поврзани со изборите – наведуваат од АВМУ.

Оттаму велат дека врз основа на претходно поднесено барање од Секторот за правни работи, ангажирани се двајца правници, а по распишувањето на  изборите на 8 февруари, ангажирани се и седум соработници за мониторинг на програмите. По отпочнување на кампањата на 1 април пак,  дополнително ќе бидат ангажирани уште 15-тина соработници.

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги тврди дека и’ стои на располагање на ДКСК и ќе и’ ја достави потребната документација, веднаш откако истата ќе биде побарана.