И по шест месеци откако ВМРО-ДПМНЕ поднесе кривична пријава за злоупотреба на над 50.000 гласови на референдумот за Договорот од Преспа, нема информација од Јавното обвинителство дали и што е преземено. Портпаролот на опозициската партија, Наум Стоилковски реагираше дека Обвинителството остава простор за сомнеж во изборниот процес.
„И денес Македонија ги очекува информациите од Јавното обвинителство околу оваа Кривична пријава, што точно се случи на референдумот на кој што во определен период на посочени места се гласало за 9, 14, 15 секунди и така натаму“, изјави Стоилковски.
-Ова е прашање од голем интерес за Република Македонија и за граѓаните, и повторно потсетуваме на препораките од Комитетот на министри при Советот на Европа од 2003 година, дека за вакви истраги редовно треба да ја информираат јавноста. За потсетување, Јавното обвинителство пред 6 месеци посочи дека цитирам, „будно ги следеле прес конференциите“ и дека „се’ што ќе биде доставено ќе процесирале“. Но до денеска нема никаква информација што е преземено – додаде тој.


