Бошњаковски: Власта и опозицијата со сериозни разлики околу законот за СЈО – ММС
ММС

Објавено на: 03/20/19 12:49 PM

Бошњаковски: Власта и опозицијата со сериозни разлики околу законот за СЈО

ВМРО-ДПМНЕ до утре треба да ги достави предлозите во врска со законот за Специјалното јавно обвинителство, а задутре, в петок, е закажана нова средба на која ќе се разговара за разликите по ова прашање меѓу Владата и опозицијата.

Како што потврди денеска на прес-конференција владиниот портпарол Миле Бошњаковски, постојат серизони разлики меѓу Владата и ВМРО-ДПМНЕ, кое бара СЈО да биде посебно одделение.

-Дефинитивно за нас како Влада предлог-законот е најсоодветно решение и сметаме дека треба да се имплементира без одоговлекување, нагласи Бошњаковски.

Тој потврди и дека грчкиот премиер Алексис Ципрас ќе ја посети земјава но, како што рече, датумот на посетата сеуште не е дефиниран.

Одговарајќи на новинарски прашања во врска со промената на имињата на институциите, Бошњаковски потенцира дека кратенката на МАНУ и натаму останува, а за нејзиното целосно име ќе треба да се произнесат академиците. За АРМ, пак, ќе се следат духот и принципите на Преспанскиот договор.

-Најверојатно во наредниот период ќе биде прецизно кажано. Во моментов јас немам информации, рече портпаролот.

Во однос на Законот за попис, портпаролот Муамет Хоџа посочи дека ова не било точка на дневен ред на вчерашната владина седница. Кога законот ќе биде разгледан, јавноста, рече, ќе биде информирана.