Знае ли ЕУ за евентуален бојкот на изборите во Македонија? – ММС
ММС

Објавено на: 03/19/19 7:17 PM

Знае ли ЕУ за евентуален бојкот на изборите во Македонија?

Од ЕУ не коментираат дали станува збор за предупредување до опозицијата за можен бојкот на вториот круг на претседателските избори, но и од еврокомесарот Јоханес Хан и од високата претставничка Федерика Могерини, беше ставено јасно на знаење дека ЕУ од блиску ќе го набљудува изборниот процес во април и во мај. Високата претставничка за надворешни работи на ЕУ, Федерика Могерини, исто така побара целосно учество во процесите на демократските институции на земјата.

-Нашите земји членки сигурно ќе го разгледуваат ова како знак на стабилност и нормалност на демократијата, целосно се согласувам со тоа што го кажа комесарот Хан и ги повикувам сите да ги искористат демократските средства што им се на располагање во земјата, рече Могерини.

-Целта на Европската комисија е Северна Македонија да добие зелено светло од земјите членки на ЕУ во јуни за старт на преговори, но за тоа ќе биде важно земјата да го задржи реформското темпо, истакна еврокомесарот за проширување. Морам уште еднаш да им се обратам на сите во земјата, ова може да се случи само ако е меѓупартиска, национална цел и ова го вклучува учеството во изборите, било кои избори, изборите идниот месец, учество на сите страни, секоја страна треба да покаже демократска зрелост, има многу прилики за политички битки и преговори, но кога станува збор за оваа национална цел, мислам дека постои обврска, одговорност за сите страни да придонесат за тоа, а не да го стават ова во опасност во последен момент, изјави Хан.

Иако постои голема желба од европска страна за почеток на преговорите, земјата сѐ уште треба да ги исполни во целост сите услови поставени минатата година: борба против корупцијата, правосудството, разузнавачките служби и реформата на јавната администрација. Сите овие пораки уште еднаш му биле пренесени на македонскиот премиер на денешниот состанок, вклучително и потребата да се одговори на “перцепцијата на јавноста” во однос на наводите за непотизам во јавната администрација. Секако, ЕУ ќе инсистира на имплементација на реформите, што се смета за слаба точка во земјите во регионот.

Франција, пак, за сега е сѐ уште многу тврда во однос на отворањето преговори, иако високата претставничка одбива да покажува со прст кон индивидуални земји членки.

-Никогаш не споменувам една земја, тоа е одлука што ја носи Советот, рече Могерини.