Поранешниот член на рок-групата Пинк Флојд, Роџер Вотерс ги повика сите учесници на овогодишната Евровизија во Тел Авив, Израел, да ја бојкотираат.
Рок-ѕвездата, пејач, гитарист, басист, текстописец и композитор, а сега и претставник на движењето за бојкот и санкции против Израел, повика натпреварувачите „да застанат рамо до рамо со Палестинците”.
„Да покажеме солидарност со 189-те невооружени демонстранти кои минатата година беа убиени од израелски снајперисти, меѓу кои и 35 деца“, наведува Вотерс, повикувајќи се на податоците од независната Комисија за истрага на Обединетите Нации околу протестите во Појасот Газа – објавени во февруари.
Според тој извештај, 154 од убиените биле невооружени. Израелските власти, односно премиерот Бенјамин Нетанјаху ги отфрлаат ваквите тврдења. Пејачот-гитарист во јануари, заедно со уште петмина други британски ѕвезди, го повикаа и Би-би-Си да не го пренесува Евросонгот во Тел Авив закажан за во мај.