Ќе се развива органско пчеларство во Тиквешијата – ММС
ММС

Објавено на: 03/19/19 9:14 AM

Ќе се развива органско пчеларство во Тиквешијата

Млади лица и жени од 18 до 35 години од тиквешко се во фокусот на проектот за органско производство,  што две невладини организации го реализираат во Кавадарци. Во наредните осум месеци ќе се обучуваат 15 лица. Ќе им се помогне да оформат сопствени пчеларници во руралните подрачја.

„Целната група е од 15 лица. Седумдесетина проценти од нив се невработени, нивните имиња ги добивме од официјалната листа на лица кои бараат работа, особено не прави горди можноста тие во иднина да се занимаваат токму со органско пчеларство“ вели координаторката на проектот,  Цветанка Колева од „Биовита“ Кавадарци.

Таа појаснува дека во наредниот период ќе се одржат пет теоретски работилници и десет на терен, директно во пчеларниците. Проектот „Витач – инкубатор за органско пчеларство“ се спроведува во рамките на регионалната програма за локална демократија на Западен Балкан, финансиран од Европската Унија.

Од „Биовита“ сметаат дека со овој проект ќе се зголеми бројот на млади пчелари, но и на жените кои ќе се вклучат во ова производство, а засега нивниот број е многу мал. Исто така на располагање им е инфо центар каде сите заинтересирани земјоделци за органско пчеларство и воопшто за органско земјоделство, можат да дојдат за консултација.

Експертите велат дека Тиквешијата, а пред се’ висорамнината Витачево се одлични локации за производство на квалитетен мед.

 

Ангел Данов