ЦУК: Ветерот го отежнува гаснењето на пожарот на Скопска Црна Гора – ММС
ММС

Објавено на: 03/18/19 8:53 PM

ЦУК: Ветерот го отежнува гаснењето на пожарот на Скопска Црна Гора

Ноќеска нема да се гасне пожарот на Скопска Црна Гора, туку само ќе се контролира ширењето на огнот. Ова го соопштија од Центарот за управување со кризи, по избувнувањето на пожарот на Скопска Црна Гора, во местото викано Влајингроб.

Според ЦУК, екипи на БППЕ на Град Скопје интервенираат на гаснење на пожарот, но, поради ветрот и непристапниот терен гаснењето е отежнато. Пожарот се шири кон с. Никуштак, с.Виштица и кон с. Матејче во горниот дел од планинскиот превој. Гори сува трева и мешана шума.

Од страна на општина Гази Баба упатено е барање за ангажирање на воздухопловите на ДЗС во раните утрински часови.

Екипите на БППЕ ќе останат на лице место во текот на ноќта за да го контролираат ширењето на пожарот, сопштуваат од ЦУК.

Градоначалникот на Општината Гази Баба, Борис Георгиевски најави дека новата акција за гаснење, почнува утре во шест часот.

-Она што можам од терен да го кажам при увидот на пожарот кој ја зафати планината Скопска Црна Гора е дека состојбата е стабилна.Службите на Противпожарната бригада, МВР, екипи на ДЗС како и општинските служби за заштита и спасување и екипите на ЈП Македонски шуми се на терен и активно учествуваат во координирано гаснење на пожарот и спречување на негово ширење, а активирани беа и двата авиони за гаснење на пожар.За жал, ветерот во моментот го усложнува процесот на гаснење, но, екипите се на терен и добро ја контролираат состојбата. Утре од шест часот наутро почнува повторно голема акција, во која ќе бидат вклучени и доброволци како и противпожарните авиони.Апелирам до секој еден од нас да внимава како постапува во природа затоа што најмало невнимание може да предизвика голема катастрофа, напиша Георгиевски.