Истражување: Младите во Битола не се заинтересирани да волонтираат – ММС
ММС

Објавено на: 03/18/19 6:00 PM

Истражување: Младите во Битола не се заинтересирани да волонтираат

Младите не се заинтересирани да волонтираат – покажа истражувањето на Здружението за одржлив развој СФЕРА за вклученоста на младите во секојдневниот живот и нивно волонтирање во организациите. Овие резултати ги презентираа на НВО Саемот кој се одржа во Битола со цел на едно место да се соберат локалните организации кои работат на младински проекти, но и нудат волонтирање на младите луѓе, едen од битните сегменти за развој на нашето општество.

„Многу од младите не беа заинтересирани да ги пополнуваат прашалниците, само мал дел околу 28% од младите во градот волонтираат, а околу 45% се заинтересирани за волонтерски акции и мислиме дека тоа многу мал процент, затоа што знаеме дека младинската невработеност во нашиот град е 49,7% што е голем процент, има многу млади кои можат да посветат дел од своето време во волонтирање за да го направиме нашиот град подобар“, истакна Милчо Дули, претседател на СФЕРА Македонија.

Организациите тврдат дека нудат различни програми за да ги задржат младите и да волонтираат, за да сфатат дека е битно да вложат во својот град за да може да останат и да имаат подобар живот, да се заинтересираат и да не го минуваат денот на кафе.

Гостин говорник на саемот беше Блаже Јосифовски, претседател на „Ајде Македонија“ и иницијатор на најголемата акција за собирање на храна „Сите сити“, кој ја претстави оваа идеја како граѓанска иницијатива за победување на гладот и преку нивниот пример да ги мотивира младите во Битола:

„Ние како организација имавме можност да најдеме решение кое ќе ги реши двата проблема, да не се фрла храната, а од друга страна да се помогне на што повеќе сограѓани во Македонија. Да ги мотивираме младите од Битола да се соочат со проблемите кои ги има секое место каде се живее и смислата е во тоа да се решаваат проблемите“.

Настанот беше организиран од СФЕРА Македонија и претставува дел од Меѓународната недела на Граѓанското Општество 2019 и е финансиран од CIVICUS.

 

Маја Богоевска