Српскиот претседател, Александар Вучиќ изјави дека е подготвен да ја отвори темата за РТС и дека се согласува на дијалог со граѓаните, но дека не сака разговор со некои опозициски политичари. Вучиќ смета дека опозицијата направила катастрофална грешка со немирите на протестите, кои, според него, се резултат на гнев, фрустрација, немоќ и недостиг на политичка програма на опозициските партии.
На конференција во Белград по повод 20-годишницата од нападите на НАТО врз на Југославија, Вучиќ порача дека на власт е дојден преку избори на демократски начин, а „не со внесување пили и упад во нечии простории“. Тој нагласи дека не бега од опозицијата, бидејќи, како што рече, совеста му е чиста бидејќи, за разлика од опозициските лидери, тој ништо не украл и не бил фашист.
„Ние веруваме дека е важно да има дијалог во Парламентот и за ваков вид разговори сме секогаш подготвени“, изјави Вучиќ додавајќи дека немирите на протестите во саботата на 16-ти март, не се прашање за странските служби, туку за домашните.
Вучиќ оцени дека не очекува повторно да се случи насилство, но додаде дека сигурно ќе бидат казнети одговорните лица ако тоа се случи.


