Тинејџер му скрши јајце на глава на сенатор од Австралија(видео) – ММС
ММС

Објавено на: 03/16/19 7:14 PM

Тинејџер му скрши јајце на глава на сенатор од Австралија(видео)

Во Австралија се случи инцидент на прес-конференција на сенаторот Фрејзер Енинг, еден ден по масакрот во Нов Зеланд, за кој сенаторот ја обвини имиграциската политика на земјата.

Тинејџер му скрши живо јајце од глава на сенаторот на Квинсленд додека камерите снимаа во живо.

Сенаторот Енинг зборуваше пред камерите кога момчето му пријде одзади, го извади телефонот да го снима и потоа му шлапна јајце на глава.

Сенаторот бурно реагираше – се обиде во два наврати да го удри момчето, пред да биде совладан од присутните. И момчето беше совладано и подоцна отстрането со помош на полиција.

Портпаролот на полицијата соопшти дека момчето, кое не беше идентификувано и се смета дека има 17 години, било пуштено без да бидат поднесени обвиненија против него, а дека истрагата за инцидентот продолжува.

Видеото од настанот вирално се прошири на социјалните мрежи, каде има измешани реакции и за чинот на момчето, но и за начинот на кој беше реагирано во ситуацијата.

 

Едни сметаат дека момчето има право да го искаже своето незадоволство од политичарот и го сметат за херој, други коментираат дека реакцијата на сенаторот и неговиот обид да го удри момчето биле „претерани“, додека трети реагираат на начинот на кој момчето било совладано.

Има и такви кои реагираат дека Енинг имал право да се одбрани од „кукавичкиот напад“ од зад грб.

Инцидентот следеше откако вчера во теористички напад на џамии во Крајстчерч загинаа 49 верници.

Енинг го осуди нападот, но додаде дека очигледно има поврзаност меѓу насилството и имиграцијата на муслимани во земјата. Тој исто така тврдеше дека муслиманите „вообичаено се извршувачите на насилство“ и дека исламот е еднаков на фашизмот.

Неговите изјави наидоа на бурни реакции на социјалните мрежи и во јавноста, а австралискиот премиер Скот Морисон рече дека таквите изјави се „одвратни“ и нагласи дека за такви ставови „нема место во Австралија, а уште помалку во австралискиот Парламент“.

Активисти почнаа онлајн петиција во која бараат Енинг да биде отстранет од функцијата сенатор. Досега петицијата има собрано околу 30.000 потписи.