По вчерашното објавување на судските пресуди за лицата кои беа инволвирани во упадот во Собранието на 27 април 2017 година , претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска од Штип оцени дека тоа е класичен политички прогон на актуелната власт, против оние што не се истомисленици. Според Мицкоски, ваков притисок е невиден во поновата историја и, како што рече, Заев се закани на 28 април 2017 година, а речиси две години потоа судијата Кацарска и обвинителката Рускоска испорачаа.
-Оваа драконска казна е исклучително да се втера страв меѓу гласачите, граѓаните на Република Македонија, а исто така и да се пресметаат со политички неистомисленици. Но, она што го нарача Заев на 28 април 2017 денеска го испорачуваат неговите слуги, Кацараска и Рускоска од судството и обвинителството. Она што е реалност во Република Македонија ќе го видиме на 21 април и на 5 мај, а тоа е силата и енергијата што постои меѓу граѓаните, изјави Мицкоски.
Прашан дали актуелната ситуација како политичка партија ќе ја презентираат и пред меѓународните институции, Мицкоски одговори дека најголемата опозициска партија е гостин во своите простории.
-Да ја потсетиме македонската јавност, ние се уште имаме замрзнат имот и практично сме гости во нашите објекти. Нашите членови и симпатизери се под постојан мониторинг и под голема закана и уцена од нивните претпоставени од локалната и централната администрација, посочи Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека и покрај сето тоа, тие се на терен меѓу граѓаните, а членството се мобилизира за претстојните Претседателски избори. Тој денеска беше во посета на Свети Николе и Штип.
извор-МИА