Факултетскиот совет на загрепскиот Факултет за политички науки го прифатил извештајот на комисијата за оцена на темата на докторскиот труд на студентката на докторски студии Колинда Грабар–Китаровиќ. Со тоа е прифатена темата на докторскиот труд на претседателката на Република Хрватска, која гласи: Одговорност за заштита (Р2П) – Концепт, предизвици, ограничувања и научени лекции (случај „Либија“).
Како што пишуваат хрватски медиуми, против прифаќање на извештајот гласал само д-р Дејан Јовиќ, кој, инаку, бил советник на поранешниот хрватски претседател, Иво Јосиповиќ. Јовиќ предложил во комисијата што ќе го оценува докторскиот труд на претседателката да се вклучи и стручњак од Либија, бидејќи смета дека никој од нејзиниот состав не е експерт за таа земја, што не било прифатено.


