Тајван купува борбени авиони од САД, не прашува за цена – ММС
ММС

Објавено на: 03/14/19 10:41 AM

Тајван купува борбени авиони од САД, не прашува за цена

За разлика од постапките на други држави кога купуваат скапо оружје, Тајван од САД, својот релативно верен сојузник, побарал нови борбени авиони така што ги замолиле сами да им препорачаат кои модели и во колку примероци да ги купат, а за цена Тајванците не ни прашале.

Генералот Танг Хунг-ан рекол за „Фокус Тајван“ дека меѓу опциите се сите достапни американски авиони: Ф-15, Ф-16, Ф-18, па дури и Ф-35, а единствен услов на Тајванците бил тие авиони да ги зајакнат одбранбените способности на островската земја со 23 милиони жители.

Како се засилува економската и особено воената моќ на Кина, така се зголемуваат и грижите на тајванските власти кои се’ потешко можат да најдат држави кои ќе сакаат да им продадат оружје без страв дека со тоа ќе ја налутат Кина.

Тајван има армија од 275.000 војници, со што е 16. по големина во светот, речиси три милиони луѓе во резерва и задолжителен едногодишен воен рок за сите мажи помеѓу 18 и 40 години. Тајванскиот воен буџет е поголем од десет милијарди долари, а импресивните воздушни сили бројат 523 летала, од кои 285 се борбени авиони.