Единиците на АРМ можат да одговорат на сите предизвици. Ова беше покажано и денеска на армискиот полигон Криволак, каде припадници на македонската војска имаа заеднички боеви гаѓања со војници од САД кои се дел од мултинационалната борбена група Исток, од составот на КФОР.
На Денот за високи гости беа демонстрирани вежбовни активности со боеви гаѓања од пешадиско вооружување со артилериска поддршка, како и летачки активности со хеликоптери кои се дел од вежбовните активности кои е реализираат на Криволак во периодот од 1 до 23 март годинава.
„Ова вежба е здружена вежба помеѓу нашата армија, односно единици на нашиот баталјон и американската армија. Ние учествуваме со две минофрлачки одделенија 120мм. Вежбата е реализирана со боева муниција. Нашите две минофрлчачки одделенија со припадници на американски минофрлачки одделенија извршија огнена поддршка на пешадиска американска единица“ изјави заменик командантот на вториот баталјон во првата бригада на АРМ, мајор Горан Шутевски.

Тој додаде дека при оваа вежба е констатирано дека нашите процедури се компатибилни со американските и со НАТО силите.
Ова е втор пат како армискиот полигон „Криволак“ го демонстрира својот капацитет за изведување на обука и гаѓања со воздухоплови од страна на воените сили на САД.
„Отпочнуваме еден подинамичен план за користење на армискиот полигон Криволак за ваков вид на вежби, кои во суштина се состојат од артилериски гаѓања и гаѓање од воздухоплови со хеликоптери од типот блек хок, со што ние се потврдуваме како партнери, односно рамноправни партнери и идни членки на НАТО дека можеме да учествуваме во ваков тип на поддршка на вежбовните активности на сојузничките сили во случајот тоа е армијата на САД“ рече портпаролот на ГШ, Тони Јаневски.
Денешната вежба, истакна Јаневски е некој вид подготовка за големата вежба `Oдлучен удар 2019`, која ќе се одржи во почетокот на јуни со силите на САД, а ќе учествуваат и други држави членки на НАТО.
На денот за високи гости присуствуваа командантот на силите на КФОР, генерал мајор Лоренцо Д’Адарио, командантот на ЗОК, генерал мајор Павле Арсоски и претставници од Министерството за одбрана, ГШ, Амбасадата на САД, претставници од локалната самоуправа и други гости.
Aнгел Данов


