Мицкоски во Кавадарци: Заевизмот ќе биде поразен на предвремени избори веднаш после претседателските – ММС
ММС

Објавено на: 03/13/19 10:52 AM

Мицкоски во Кавадарци: Заевизмот ќе биде поразен на предвремени избори веднаш после претседателските

Она што актуелната власт им го вети на лозарите се’ уште не е исполнето, а безмилосниот заевизам се чувствува и во Кавадарци – ова меѓу другото во изјава за медиумите го истакна лидерот на опозиција, Христијан Мицкоски. Тој синоќа имаше средби со членовите на ВМРО-ДПМНЕ во пресрет на претседателските избори.

Мицкоски од средбата со граѓаните добил впечаток дека и во Кавадарци тешко се живее. Најави дека после победата на претседателските избори, ќе се одржеле и предвремени парламентарни избори, со што ќе се дадел последниот удар на заевизмот.

„Она што можев да го слушнам од кавадарчани е дека преовладува тешкиот живот, лошата економска состојба, лагите кои безмилосно се истураат на плеќите на земјоделците, на лозарите. Она што беше ветено до денеска не е исполнето. Оној безмилосен заевизам кој во Македонија секаде се чувствува, се чувствува и овде во Кавадарци. Затоа граѓаните на 21 април ќе имаат можност да му го зададат првиот удар на овој заевизам. Да стават крај на оние мафијашки манири кои ги гледаме во последно време како се поплавуваат или се опожаруваат симболите на лагите на т.н `живот` во Македонија, а потоа сето тоа ќе го запечатиме на поред времените парламентарни избори, кој очекувам да се случат после победата на претседателските“, изјави Мицкоски и додаде дека по нивното доаѓање на власт импeратив за подобра Македонија ќе била правната држава, каде ќе владее правото и правдината. Државата економски ќе ја обновеле и ќе станела технолошки тигар на Балканот, но и национално горда и освестена држава.

 

Ангел Данов