Комеморација за Евреите и во Штип: Убија шест милиони луѓе само затоа што беа Евреи – ММС
ММС

Објавено на: 03/12/19 2:09 PM

Комеморација за Евреите и во Штип: Убија шест милиони луѓе само затоа што беа Евреи

 

За девет години, од 1936 до 1945, беа убиени шест милиони Евреи што е една третина од вкупно загинатите луѓе во светот во Втората светска војна. Меѓу нив беа и 7.144 македонски Евреи, речиси целата евреска популација што живееше Македонија до 11 март 1943 година, кога почна депортацијата во злогласниот логор на смртта Треблинка.

Ова на денешната комеморација во Штип, по повод 76-годишнината од депортацијата на Евреите, го рече претставинкот на Еврејската заедница во Македонија, Пепо Леви.

– Повеќе од 500 од тие македонски Евреи беа од Штип. Живееја со своите сограѓани во мир и слога и вредно работеа за опстанок на своите семејства. Нивниот единствен грев беше тоа што се Евреи – истакна Пепо Леви.

Во сеќавање на шипските Евреи се одржа и марш по улиците во центарот на градот, од општинската зграда до споменикот на Евреите, каде што беше положено свежо цвеќе.

– Доколку беа живи нашит сограѓани-Евреи, заедно, денес нашиот град и нашата држава сигурно ќе беа неколку исчекори понапред – рече штипскиот градоначалник, Благој Бочварски.

На крајот, домаќините и повеќемина гости од Израел почит оддадоа и на Еврејските гробишта во Штип.