Здружението на лозари бара да се повлече претстечајната постапка за „Повардарие“ – ММС
ММС

Објавено на: 03/12/19 2:03 PM

Здружението на лозари бара да се повлече претстечајната постапка за „Повардарие“

Неколку лозари од Тиквешијата кои грозјето го предале во неготинската винарија „Повардарие“ преку свои правни застапници побарале стечај за визбата. На ваквата постапка се огласија од здружението „Напредни лозари“. Тие апелираат до лозарите кои покренале таква постапка да се откажат, бидејќи со тоа дополнително ја комплицирале целата ситуација, бидејќи владата одлучи да ги исплати старите побарувања.

Од „Напредни лозари“ нагласуваат дека за нив не одговара стечајна постапка во винаријата, бидејќи таа долги години го откупувала вишокот на грозје, но не го оправдуваат и доцнењето со исплата од неколку години. Тие се децидни дека за нив најдобро е активна винарија, отколку истата биде ликвидирана.

„Во најкус можен рок очекуваме Владата да го исполни ветеното. Затоа ги замолуваме оние кои бараат претстечајна постапка, да се откажат од таквата намера и да се воздржат уште малку, да ги повлечат барањата “, вели претседателот на лозарското здружение.

Истиот апел го упатуваат и од винарската визба „Повардаририе“, бидејќи со покренатите постапки одредени лозари вршеле опструкција на договорената исплата.

„За многу краток период ќе се заврши плаќањето по сите основи по кои должи Повардарие. Најголем дел од долговите е веќе исплатен. Со чинот на барање за покренување постапка, се создаваат дополнителни обврски и проблеми за компанијата“, рече техничкиот директор на „Повардарие“, Глигорчо Ристов.

За откупено грозје во 2015 и 2016 година неготинската винарија на лозарите им должи околу 58 милиони денари.

Од „Повардарие“ велат дека излегувале од тригодишната агонија во која западнале и најавуваат откуп на грозје и годинава.

 

 

Ангел Данов