Докази за „Империја“, „Триста“ и „Шпион“ поплавени во објектот на СЈО – ММС
ММС

Објавено на: 03/12/19 10:08 AM

Докази за „Империја“, „Триста“ и „Шпион“ поплавени во објектот на СЈО

Дел од доказите за предметите „Империја“, „Триста“ и „Шпион“ биле поплавени, кога поради пукање цевка од парното, во објектот каде е сместено Специјалното јавно обвинителство, протекла вода.
Од СЈО за емисијата „360“ потврдија дека минатата недела се случила поплава во нивниот објект и биле зафатени дел од документите собирани како докази за три предмети.
-Точно е дека поради дотраеност на севкупната инсталација за парно греење во објектот во кој е сместено СЈО, протече една од цевките, при што беше зафатена дел од документацијата за предметите „Империја“, „Триста“ и „Шпион“. Треба да се има предвид дека во ова Обвинителство документите се скенираат, но доколку се утврди дека има документи кои не се ставени во електронска форма, ќе се бара нивно обновување, одговорија од СЈО.
Предметите „Триста“ и „Шпион“ се во фаза на судење, додека предметот ,Империја“е во фаза на истрага. Во овој предмет обвинети се 13 лица, меѓу кои Јордан Камчев, Сашо Мијалков, Цветан Панделевски, Ненад Јосифовиќ и други, за злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари и други приноси од казниво дело.