Доказите против Орце Камчев, Сашо Мијалков и 10 други уништени во поплава – ММС
ММС

Објавено на: 03/11/19 11:47 PM

Доказите против Орце Камчев, Сашо Мијалков и 10 други уништени во поплава

Случајно или не, доказите во неколку предмети на СЈО биле уништени во поплавата од расипан систем за греење во звградата каде работи ова обвинителство. Информацијата ја објави „360 степени“, при тоа појаснувајќи дека се работи за списи од предметите како „Империја“, „Триста“ и „Шпион“, каде межу обвинитетите се Орце Камчев, Сашо Мијалков, Цветан Панделески и 10 други се сомничат за повеќе кривични дела, меѓу кои измама и перење пари.

Од СЈО го потврдија настанот. Ова е одговорот на обвинителството, интегрално:

„Точно е дека поради дотраеност на севкупната инсталација за парно греење во објектот во кој е сместено СЈО, протече една од цевките на тој систем, пришто беше зафатена дел од документацијата на неколку предмети кои се водат од ова Јавно обвинителство, меѓу кои на „Империја“, „Триста“ и „Шпион“. Притоа, треба да се има предвид дека во ова Јавно обвинителство документите се скенираат, но доколку се утврди дека има документи кои не биле ставени во електронска форма, ќе се бара нивно обновување. Во моментот се испитуваат причините за конкретниот дефект и се спроведува внатрешна процедура со цел да се изготви попис и проценка на вкупната штета. Инаку, од страна на СЈО осигурени се како објектот, така и опремата“.

Со оглед на тоа што „Триста“ и „Шпион“ се во фаза на судење, шанса за неповратна штета има само кај „Империја“, кој е во фаза на истрага. А ова и не е прв преседан поврзан со овој предмет. Уште кога СЈО ја објави истрагата, на 9 ноември минатата година, обвинителството немаше вообичаена прес-конференција ниту пак ја следеше сопствената пракса да објави детали од кои може да се види кој за што се сомничи или каква е поврзаноста меѓу физичките и правните лица во предметот.

Петмина осомничени, меѓу кои Камчев и Мијалков, завршија во притвор, а за јавноста беше објавено соопштение со збирен преглед на кривичните дела и најава:

„Во скоро време се очекува и проширување на истрагата кон нови лица и за нови кривични дела…“ – се вели во дел од соопштението на СЈО од 9.11.2018

Само месец и половина подоцна, на крајот на декември, СЈО се премисли и наместо дотогашниот затворски побара куќен притвор за осомничените во овој предмет. Образложението беше дека успешно се прибрани сите докази и потребни сведочења.

„ Испитавме одредени лица и сведоци кои беа важни за потврдување на некои факти, врз основа на финансиските документи и сметаме дека во следниот период додека трае истрагата ќе се вршат само финансиски анализи … Така што присуството на осомничените во притворот не се потребни. Не можат веќе да влијаат самата истрага со влијание на некои сведоци или да го повторат делото.“ – изјави специјалната јавна обвинителка Катица Јанева во интервју за Канал 5 на 29.12.2018 г.

Но, наспроти овој став на Јанева од крајот на декември дека осомничените веќе не можат да влијаат на сведоци, во февруари СЈО излегува со сосема спротивна оценка:

„Во досегашниот тек на истрагата се сослушани голем број сведоци, но потребно е да се изврши распит уште на голем број сведоци, со оглед дека е опфатен голем временски период. Бројот на сведоците и соучесниците се зголемува ако се има предвид дека првичната наредба за спроведување на истрага е проширена… Обвинетиот … доколку биде пуштен да се брани од слобода, ќе ја попречува кривичната постапка преку влијание врз сведоци и соучесници.“ – се цитира СЈО во решението на Врховниот суд од 4.3.2019 г. под Вкж1.бр.13/2019.

Цитатот е од барање на СЈО за продолжување на мерката куќен притвор за Орце Камчев од 6 февруари, содржан во решението на Врховниот суд за жалбата на осомничениот да му биде укинат куќниот притвор. Камчев го доби тој случај и сега е на слобода. Тој и други осомничени во „Империја“ беа првите што се офајдија од начелното правно мислење на Врховниот суд од крајот на јануари, според кое СЈО не е овластен тужител во предметите за кои не е поднесено обвинение до 30 јуни 2017 година. А „Империја“ е токму таков предмет.

Но, не само минатото, туку и иднината на случајот „Империја“ е под знак прашање. Стручната јавност е поделена – дали и со новиот закон за јавното обвинителство, според кој СЈО се спојува со редовното обвинителство, ќе може да се продолжат предметите за кои немаше обвиненија до крајниот рок наведен во стариот закон за СЈО.

 

Извор: 360 степени