Се прави простор за бугарско радио во Македонија – ММС
ММС

Објавено на: 03/12/19 1:12 PM

Се прави простор за бугарско радио во Македонија

На заминување, преку конкурс, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) ќе доделува лиценца за четврто радио на национално ново. Конкурсот сам по себе е небулозен, по искуството со вмровското радио Слободна Македонија, кое се формира за да ги згрижи кадрите на ВМРО ДПМНЕ и преживуваше благодарение на владините реклами. Радиото не успеа да ја преживее промената на власта и престана да работи 120 дена по формирањето на новата влада со долг од 350.000 евра и е дел од истрагата на СЈО „Пропаганда“. Се повторува ли историјата?

Меѓутоа, радиото Слободна Македонија е одлично алиби АВМУ да нарача истражување од верниот соработник на директорот Зоран Трајчевски, Маркетвижн, кое покажало дека радискиот пазар е зголемен,иако вештачки, благодарение на парите што вмровското  радио ги доби од владините реклами. За само три години Радио Слободна Македонија од државниот буџет успеа да испумпа 1,5 милиони евра граѓански пари, а потоа целосно да пропадне.

Резултатите од истражувањето вешто ги користи  заменик претседателот Милаим Фетаи по чија иницијатива АВМУ одлучува да се додели уште еднаш истата фрекфенција за радио од забавен формат на албански и македонски јазик, а посебно да ги задоволува националните интереси за развој на културното наследство. Фетаи, се чини, ќе си замине од агенцијата со горчлив вкус, бидејќи новото радио најмалку ќе внимава на албанската култура и јазик, туку ќе биде само уште едно задоволување на политичкиот пазар, овој пат под маската на македонско – бугарско добрососедство и пријателство.

АВМУ во заминување така го темпираше огласот  за одлуката да ја донесе овој состав, без оглед што ги бројат деновите. При тоа, валканата бизнис зделка со силни примеси на политика ќе ја заврши стариот состав, додека новиот ќе дојде ресетиран, неизвалкан, без непотребен политички багаж.

Затоа, не чуди брзањето да се распише и спроведе конкурс, а не тендер. И бидејки не е тендер побараа уплата од 60.000 денари за учество. Ем си ја наполнија касата, ем бараа јавно отварање на документи, како да е тендер.

При тоа, симптоматична е бодовната листа.За реализација на овој проект потребни се сериозно средства а и технички услови, бидејќи се работи за развиена и скапа мрежа од 35 предаватели.

Кој се јави на конкурсот?

1. Мазар Татеши со 100 % учество од Струга, како физичко лице, кој е основач на локалната телевизија ТВ „Калтрина“ од Струга, која работи повеќе од 20 години. Управител и одговорен уредник е синот Фисник Татеши. Тетеши согласно Законот за АВМУ (член 37), има право да конкурира како физичко лице за медиум на национално ниво 100% учество.

Телевизиско студио ТВ Калтрина

2. ГБЦ Комуникации од Штип со учество од 50% и останатите 50% физичко лице Слободанка Блажевска . Законски се исполнети условите, ГБЦ Комуникации од Штип бидејки е основач на радио Канал 77, има право на 50% учество во уште едно друштво.
Понудата ја има комплетната инфраструктура со зграда со радиодифузна инфраструктура и сервис за одржување на РТВ станица и возила.

Мултимедијален центар ГБЦ Комуникации

 

3.Дарко Манасијески, како физичко лице со 50% учество и остантатите 50% продуцентска фирма за телевизија, филм и реклами од Софија, Бугарија  „Междинна станица“.

Седиштето на Иноватива Груп

Индикативно е дека праксата се повторува, само што овој пат во игра е заинтересирана бугарска продукциска куќа за телевизија и филм.

Оваа комбинација е особено интересна, бидејќи Дарко Манасијески е целосен анонимус во медиумскиот свет. Веројатно станува појасно ако се открие информацијата дека Манасијески е вработен кај познатата манекенка Сања Николиќ- Маринковиќ, сопруга на Марко Маринковиќ-Слаткар. Сања Николиќ има фирма за маркетинг и продукција, чие седиште е на Водно, во семејната куќа на нејзината мајка, Берта Романо-Николиќ, која пак е претседател на Еврејската заедница на Македонија. Случајно или не, адресата на студиото на новото радио е во истата семејна куќа, кај мајката на Сања. Дарко Манасијески во случајот со радиото е искористен, бидејќи Сања е сопственик на маркетинг и продукциска компанија и според законот не може да биде носител на радиодифузно друштво.

Сања е директната врска со бугарската компанија, која е некогашен водител на проектот Македонски Идол. Бугарската компанија „Междинна станица“ е носител на лиценцата за „Идол“ и го организира ова шоу на приватната телевизија бТВ. „Междинна станица“ е фирма за филм, реклами  и ТВ продукција. Нема никакво искуство со радио и ТВ работење  Управители се Иван Христов и Андреј Арнаудов.

Поврзаност на македонската со бугарската компанија
Прес конференцијата за OneLove Tour – Софија

 

Бугарите не се непознати за потесните медиумски кругови. Христов и Арнаудов влегоа во преговори да го купат радиото Слободна Македонија, но дилот пропадна, бидејки се бараа милионски суми вклучувајќи го и откупот на долговите на РСМ.

Сања Николиќ и Слаткар беа директно вклучени во проектите на Бугарите во Македонија преку заеднички концерти, како и заедничкиот проект за зближување на двата народи „One love“. Сања во меѓувреме работи за кампањите на Синалко и градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев.

Овие апликанти кршат законот за АВМУ, членот 39, кој регулира недозволена медиумска концентрација. Според овој член за медиумска концентрација се смета кога „оснивачи  на друштво за реклама и пропаганда, друштво за истражување на пазарот и јавното мислење, друштво за дистрибуција на аудиовизулни дела, друштво за филмска продукција или оператор на електронски комуникациски мрежи кој обезбедува реемитување или емитување на радио/телевизиски програми“ (чл. 39, Закон за АВМУ 2018). Во овој случај продуцентска компанија за филм и реклами  ќе биде основач на радиото, со што директно се крши законот.

Доколку АВМУ одлучи да ја додели дозволата на бугарската компанија, директно и свесно го крши законот, што повлекува и колективна кривична одговорност на членовите на Советот. Прашањето е дали во тој случај, свесно влегуваат во кршењето на законот за некои повисоки (нечии бизнис – политички) цели. Прашањето е чии? Дали се тоа нарачки директно од врвот, пак во име на македонско – бугарското пријателство и соработка, декларирана со потписите на Договорот меѓу премиерите Бојко Борисов и Зоран Заев?

Кој е мотивот да се влезе во радискиот бизнис?

Двајцата сопственици на бугарската компанија „Междинна станица“ не ги кријат своите намери да влезат во медиумскиот бизнис во Македонија. Според ова, новото национално радио би емитувало бугарска, албанска и македонска музика. Дали е во заговор нова креација за изигрување на законските прописи по терк на заинтересирани инвеститори?

На АВМУ не му е прв пат тоа да го прави. Некогашната специјализирана радио мрежа за изворна македонска музика, создадена за негување на македонските традиции, Радио Рос, стана радио Метрополис и иако не е дозволено со законот, го смени и својот формат со емитување на странска музика. На ист начин ромското радио Черења, отворено со цел да ја негува ромската музика и ромските традиции, стана радио Енџелс со емитување на светска музика и секако промена на форматот.

Значи, ништо чудно од најавата на македонско–албанско радио да стане бугарско–албанско- македонско.

Прашањето е зошто некој би инвестирал во вакво радио?

Според наши извори од Бугарија мотивот за влез на слабиот медиумски пазар, всушност е во потенцијална инвестиција во рударството во Македонија. Традиционален партнер на бугарската компанија „Междинна станица“ е „Минстрој“ на Николај Валканов, поранешниот вицепретседател на „Мултигруп“.  Рударскиот бугарски гигант, концентиран на искпување на олово-цинкова руда, во Македонија има два рудници – Злетово и Тораница. Компанијата располага со голем капитал и огромен бизнис интерес во Македонија, која се’ уште имаа значителни рудни резерви. Овие бизнисмени се поврзани со влијателно бизнис лоби во Македонија и ги финансираат овие проекти.

„Минстрој“ силно се бореше да го добие кавадаречки „Фени“ и е заинтересиран за поголем влез во рударската индустрија во Македонија.  Македонско – бугарскиот проект „Една љубов“ на Сања Николиќ и партнерите од Бугарија „Междинна станица“ како генерален спонзор го имаа „Минстрој“, „Комерцијална банка“ и двете фирми на Орце Камчев – „Аџибадем Систина“ и „Здравје“ – Радово.

Самиот Николај Валканов во едно од неговите интервјуа кажува дека  има цврсти бизнис и пријателски  врски со еден од најбогатите Бугари, Кирил Домусчев, кој со својот брат Ѓеорги влезе во медискиот бизнис и за 185 милиони евра ја купи Nova broadcasting group, која во својот состав ја има една од најгледаните бугарски телевизии – телевизијата Нова. Имено, во интервјуто Валканов кажува дека е заменик претседател на најголемата бугарска организација на работодавачи КРИБ, каде претседател е Кирил Домусчиев. Случајно или не, во исто време се’ почесто се слушаат информации за преговори што се водат за купување на една од петте македонски национални телевизии. И зад овој бизнис стојат високи политички интереси од двете страни.

Оттука, мотивот за добивање на дозволата за национално радио може да е во можноста проект со мултиетничкото радио да се продаде на бугарски медиумски магнати, со намера да влезат и во телевизија, затоа што тие веќе откупуваат удели од грчките инвеститори во медиумите во  и Србија. Целта е преку ваков проект за евтини пари на мала врата да влезат во македонските медиуми.

Што тоа значи за кревкиот македонски пазар каде што сите медиуми бараат финансии, медиумски фонд, донации, реклами од државни институции за да преживеат?

Рекламниот пазар е во слободен пад, со вредност од  19 милиони евра годишно, што го делат  150 медиуми. Влезот на странски пари во неограничена количина што нема да зависат од маркетингот,  ќе значи повторно нарушување на пазарот и преземање од страна на Бугарите.

Од политички аспект ќе има сосема друго значење. Се враќа болката на македонската медиумска сцена, одамна детектирана и нотирана во извештаите на меѓународниот фактор и Европската Унија кон која стреми Македонија, а тоа е нетранспрантната сопственичка структура.

Се потрошија часови новинарски истражувања и тони хартија за да ја најдеме врската меѓу функционери од власта во време на ВМРО ДПМНЕ и оф шор компаниите од Белизие и други егзотични острови, сопственици на регионални телевизии и други поврзани медиуми, кои делуваа оркестрирано. Со радио Слободна Македонија бевме на чисто дека е создадена   како партиска пропагандна машинерија. Но, во овој случај не знаеме кој е кој.

Се поставува прашањето до кога ќе имаме нетранспарентност на медиумската сопственост во оваа држава, особено што оваа, актуелна влада се бореше против тоа. И две години по преземањето на власта, како да нема политичка воља да се расчисти сопственоста, па имаме случаи како ТВ 24 и радио Енџелс, Слободен печат, ТВ Алфа, а во меѓувреме се создадоа нови, како 1ТВ. Во целата оваа ситуација се поставува прашањето која е улогата на регулаторот АВМУ и неговиот директор Зоран Трајчевски?

Ако некогаш Зоран Трајчевски примаше нарачки од власта на ВМРО ДПМНЕ, а претходно АВМУ ги исполнуваше желбите на Бранко Црвенковски во пополнување на медиумскиот простор, чии желби сега се исполнуваат? Каде е тука јавниот интерес и значењето на медиумите како заштитници на националниот идентитет, култура и јазик? Или заедно со добрососедството за нечии бизнис интереси лесно ќе се продаде и оваа приказна за мултиетничност, мултилингвизмот и заедничката историја? Само што овој пат, за разлика од присуството на американската, француската, британската и други култури и јазици, за Бугарија, држава која многу често го сфаќа македонскиот мелос, јазик и идентитет  како близок и свој, може да биде опасна игра со оган.

Дали е ова само уште еден проект во духот на доближување и пријателство во рамките на договорот на Бојко Борисов и Зоран Заев? Или е само креативна идеја на АВМУ, која може да му направи лоша политичка услуга на Заев, ако во случај не му се додели дозволата на бугарскиот инвеститор, па македонската влада да биде прогласена за непријателска кон бугарскиот капитал наспроти декларираната подготвеност со Договорот за добрососедство и пријателство? Освен ако веќе не е дел од овој Договор, политички дил одамна договорен, како една од бугарските инвестиции, каде повторно ќе преовлада нечиј друг интерес и идентитет над македонскиот.

Иако овој состав на АВМУ е на заминување, треба да се потсети дека се’ додека се на платен список, имаат и законска одговорност за секоја своја донесена одлука ако е на штета на јавниот интерес и државата. Иако никој до сега не ги повикал на одговорност, а имало поводи.