Кога би имале пари, како да ги исперете – ММС
ММС

Објавено на: 03/11/19 12:46 PM

Кога би имале пари, како да ги исперете

На пример си криминалец кој успеал да собере десетици милиони евра по кој знае каква нечовечка основа, и со време парите почнуваат да ти прават проблем затоа што ти седат на купче до тебе и по цел ден ги мислиш да не им се случи нешто, ем не можеш ништо да си купиш за да те личи на парите што ги имаш.

Затоа што не можеш да ги шеташ со тебе во куфери (ем е комплицирано, ем предизвикува сомнеж), парите ќе треба да ги испереш, односно да направиш валканите пари да наликуваат на приходи од легитимен бизнис. Вака испраните пари ќе можеш да ги извадиш пред народ, и да ги направиш сите луксузи за кои се сонувал – пример недвижности и јахти.

Проблемот е што најголемиот дел од државите низ светот и сите светски банки имаат поставено контрола за следење и откривање на сомнителни пари кои влегуваат во финансискиот систем. Како што се виде од случајот со Троика пералната, кога се има вишок пари и иновативност сите проблеми се решаваат.

Криење зад шел компании

Намерно матни „шел“ компании, кои постојат само на хартија и немаат никакви бизнис операции се лесен и евтин начин за поставување и ефикасно криење на сопствеништвото. Тие се клучни за она што експертите го нарекуваат „фаза на додавање слоеви“ во перењето пари, во која парите се префрлаат по неколку пати со што станува потешко да им се влезе во траг. Шел компаниите обично се наоѓаат во даночни оази како Швајцарија и Кајманските острови, а во САД Делавер и Невада исто така дозволуваат корпорациите да бидат основани во таинственост. Во случајот со Троика пералната беше откриено дека шемата опфаќала 75 шел компании кои генерирале вкупно 8,8 милијарди долари во трансакции од измислени зделки.

Откривање слаби точки

По хаосот од распаѓањето на СССР, перачите на пари почнаа да бараат слаби точки во Европа, во кои контролата на банките се уште не беше на соодветното ниво. Во тоа време бараат банки кои или се лошо надгледувани или дури се отворени за соработка. Лавина од пари завршува во банките на Кипар и Малта. Балтичките нации како Естонија, Литванија и Латвија, кои имаат клучни улоги во приказната со валканите руски пари, стануваат големи играчи како нивна порта кон Западот. Поранешните советски држави имаат и дополнителна поволност што таму рускиот јазик масовно со говори, а во исто време скандинавските банки побрзаа да влезат на овие пазари од кои се очекуваше висок раст. Потоа користејќи кореспондентни банки од Западот, парите се дополнително прочистени и префрлени со многу помалку сомнеж. Данске банк призна дека најголемиот дел од околу 230 милијарди долари кои минале низ нејзината естонска филијала биле валкани.