Собранието на Република Северна Македонија денеска на продолжението на 86. седница е со единствена преостаната точка за интерпелацијата за работата на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, поднесена од пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
По завршувањето на расправата за интерпелацијата, следи 90-та седница, на која, треба да се расправа за Предлог законот за спречување и заштита од дискриминација, по скратена постапка, исто така, единствена точка на дневниот ред.
Со новиот закон се подобрува законската регулатива и се врши нејзино усогласување со правото на Европската Унија и меѓународните стандарди во однос на заштитата од дискриминација. Со неговата примена се очекува да се обезбеди поефикасна заштита од дискриминација.
Со Предлог законот се прошируваат основите за дискриминација, се менува и подобро се дефинира поимникот и дефиницијата за дискриминација, се професионализира комисијата за заштита од дискриминација и се менува називот и надлежноста на комисијата во комиисија за спречување и заштита од дискриминација, која ќе треба да работи и на превенцијата освен на заштита. Се доуредуваат надлежностите на комисијата, начинот на избор и условите за избор на членови. Се воведува одредба за користење на нови докази во судските постапки и actio popularis. Исто така, се предвидува и ослободување од судски трошоци во судските постапки.


