Тевдовски: Растот на економијата ќе биде над три проценти – ММС
ММС

Објавено на: 03/8/19 6:07 PM

Тевдовски: Растот на економијата ќе биде над три проценти

Растот на економијата годинава постојано ќе биде над три проценти – уверува министерот за финансии, Драган Тевдовски. Тој тврди дека е реален проектираниот раст на БДП од 3,2 отсто за 2019 година.

„Проектираниот раст од 3,2 процента апсолутно може да се оствари, бидејќи е направен без премногу подигнати очекувања од аспект на членството во НАТО кое ни се случува. Со тоа очекуваме сериозни приливи на дополнителни странски инвестиции и дополнително заживување на економијата. Оптимисти сме дека годинава економијата ќе се движи со стапка повисока од три проценти. Со податоците во 2018 година покажавме дека сме кредибилна институција и дека можеме да го исполните тоа што го проектираме“, рече Тевдовски.

Според него, намалувањето на извозот во јануари годинава за 1,9 отсто и падот кај  земјоделските производи за 26,2 процента се должи на сезонската флуктуација.

„За трговската размена најбитно е што трговскиот дефицит во 2018 година е најнизок во последните 15 години. Ако порано се движеше од 20 до 25 проценти, сега е намален на 17 проценти. Вториот важен параметар е покриеноста на увозот со извоз која во 2011 година беше нешто над 63 проценти, а лани завршивме со покриеност од 76,7 проценти во поглед на трговскиот дефицит што е одлична бројка“, потенцира Тевдовски.