Благодарници за пожарникарите кои храбро и несебично интервенираа по несреќата кај Ласкарци – ММС
ММС

Објавено на: 03/7/19 2:00 PM

Благодарници за пожарникарите кои храбро и несебично интервенираа по несреќата кај Ласкарци

За покажаната храброст и укажаната несебична помош на настраданите во сообраќајната несреќа кај селото Ласкарци, пожарникарите од Територијалната противпожарна единица на Град Скопје денеска добија благодарници.

Благодарниците на пожарникарите Владимир Симоновски, Владимир Кочовски, Цане Пројчевски и Рашо Рожајац кои беа меѓу првите што укажаа помош на местото на несреќата на автопатот Скопје – Тетово им ги врачи градоначалникот Петре Шилегов.

Како што информира Град Скопје, веднаш по информацијата за случената стравична несреќа на патниот правец Скопје – Тетово, во близина на Ласкарци, екипи на Противпожарната бригада на Град Скопје интервенираа на терен со повеќе специјализирани возила и помагаа во извлекувањето на настраданите патници во автобусот.

Минатата недела Советот на Град Скопје донесе одлука со која како израз на солидарност кон семејствата на загинатите и на повредените во оваа сообраќајна несреќа, на секое семејство кое загуби свој член ќе додели парична помош од 100.000 денари во нето износ, а на повредените по 30.000 денари.