Денот на жената во Словенија може да стане државен празник – ММС
ММС

Објавено на: 03/6/19 4:07 PM

Денот на жената во Словенија може да стане државен празник

Меѓународниот ден на жената – 8 Март во Словенија ќе биде државен празник доколку за тоа се усвои иницијативата на Социјалдемократите (СД), една од партиите во коалициската Влада на премиерот Марјан Шарац.

Иницијативата за тоа е на женскиот форум на партијата, чија претседателка Нева Грашиќ рече дека сакаат повторно да ја реафирмираат постојаната борба за рамноправност на жените во општеството:

„Кога ја спомнуваме борбата за рамноправност, тогаш зборуваме за достојна егзистенција, економска стабилност и застапеност на водечки позиции и во политиката. Денот на жената треба да се одбележи не само симболично, со црвени каранфили, туку и со борба за подобро партнерство во општеството, меѓугенерациска солидарност и повисоки плати за жените“, рече Грашиќ на прес-конференција во седиштето на партијата.

Во Словенија засега со закон се дефинирани 12 државни празници, но од нив пет се неработни, па се нарекуваат и спомен-денови со церемонијални државни прослави.