СДСМ утре ќе собира потписи за Пендаровски – ММС
ММС

Објавено на: 03/6/19 10:05 AM

СДСМ утре ќе собира потписи за Пендаровски

На два дена пред крајниот рок за доставување на 10.000 потписи за кандидирање за претседател на државата, СДСМ утре, 7-ми март ќе собира потписи од граѓаните за кандидатуарата на Стево Пендаровски. Оваа вест ни ја потврди партискиот портпарол Костадин Костадинов. Општинските организации на СДСМ веќе го повикаа своето членство утре да дојде во порачните канцеларии на Државната изборна комисија, каде се собираат потписите.

За официјализирање на претседателската кандидатура потребно е кандидатите да достават 10.000 граѓански или 30 пратенички потписи.

За шестите претседателски избори во моментов потписи собираат шест кандидати. Досега двајца кандидати ги собраа потписите –  кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, професорката Гордана Силјановска Давкова и независниот кандидат Блерим Река, кого го поддржаа Алијансата за Албанците и БЕСА.

Собирањето потписи започна на 23 февруари, а ќе заврши на 9 март. Доставувањето, пак, на кандидатурите завршува на 21 март.

На 14 март истекува и рокот за увид во избирачкиот список и пријавувањето за гласање на дијаспората. Досега се регистрирани само 413 македонски граѓани кои своето избирачко право ќе го остварат во дипломатско конзуларните претставништва на земјава.

Првиот изборен круг за шестите претседателски избори е закажан за 21 април, а вториот ќе се одржи на 5 мај.