Новиот дизајн на талентираниот Македонец Славче Таневски на Mercedes-Benz CLA Shooting Brake денеска беше претставен на престижниот Саем за автомобили во Женева. Таневски е само осум години во компанијата во Штудгард и еден од најмладите дизајнери на Мерцедес. Неговата презентација ја почнува со негови цртежи што ги направил на двегодишна возраст.
Презентацијата на Таневски во видеото почнува од 9:49 мин.
Славче Таневски е скопјанец, кој во Германија замина како студент и својата кариера ја гради во најстарата германска автомобилска компанија.
Вели дека често е во Македонија, но дека Македонците ретко успеваат дома, туку тогаш кога ќе заминат во странство.
-Македонија изобилува со таленти во секоја област. Но тие успеваат по непишано правило само кога ќе отидат во странство. Но има и огромен процент на инертни и по малку заспани млади луѓе без некоја вистинска желба или порив за личен успех и напредок кој тие сами ќе си го постигнат. Тука влијаат секако и скромните можности за саморазвивање во нашата држава. Но 21 век е, светот е мал, секоја информација е достапна секому, така да со малку ангажман и труд мислам дека може да се напредува, вели Таневски во интервју за Црно бело.


