Се вози по новиот автопат Миладиновци – Штип иако не е пуштен во употреба – ММС
ММС

Објавено на: 03/5/19 6:04 PM

Се вози по новиот автопат Миладиновци – Штип иако не е пуштен во употреба

За не повеќе од 50 минути се стигнува одШтип до Скопје, по новиот пат преку Миладиновци, иако официјално, патот се’ уште е во изградба. Многу шпекулации се слушат деновиве кога официјално патот ќе биде пуштен во употреба, според кои се зборуваше за пуштање утре, а според други многу веројатно во сабота.  Меѓутоа, официјално на нашето прашање, директорот на ЈП Државни патишта, Зоран Китанов, не одговори конкретно на прашањето кога, само дека „ќе бидеме официјално известени и поканети“ . Официјална покана за отворање нема,  неофицијално, денеска се возевме по новиот пат, на кој според тоа што го видовме, сепак треба уште да се работи. Пред се’ на поставувањето на оградите и веројатно да се додаде уште некој сообраќаен  знак.

Автопатот што се гради веќе пет години, требаше да биде завршен уште пред две години. Се работи за автопатската делница во должина од 47 километри, што според најавите,  ќе биде ставен во функција со времен режим на деловите, каде се планира изградба на две патарини.

Изградбата на автопатот почна во февруари 2014 година, со инвестиција во износ од 206 милиони евра, обезбедени од кредит од кинеската ЕКСИМ банка и буџетот на Јавното претпријатие за државни патишта.