Комисија за ревизија при Агенцијата за администрација ќе ги проверува сомнителните постапки за вработување – ММС
ММС

Објавено на: 03/4/19 12:03 PM

Комисија за ревизија при Агенцијата за администрација ќе ги проверува сомнителните постапки за вработување

И по двете постапки што ги отвори Антикорупциската комисија со цел да утврди како се одвивало вработувањето во јавната администрација на роднините на функционери од актуелната власт, се’ уште не се знае колку од нив одлучиле да го напуштат работното место. Поднесувањето оставка сепак нема да им биде од помош за да куртулат од процесот во кој антикорупционерите ќе испитуваат дали нивната роднинска врска со некој од функционерите била пресудна за да се вработат.

Колкумина од родининте на функционерите од власта кои се вработија во државната администрација досега поднеле оставки? Ресорниот министер, Дамјан Манчевски денеска немаше конкретен одговор на ова прашање кое му го поставија новинарите. Тој вели дека ги очекуваат резултатите од Антокорупциската комисија, од каде отворија постапка за испитаат како се вработиле родинините на функционери од власта, чие вработување наиде на критика кај опозицијата, но и кај дел од граѓаните.

Одговарајќи на новинарско прашање, дали може да се направи софтвер со чија помош ќе може да се утврдува дали постои непотизам при аплицирање за вработување, Манчевски рече дека не би можел да каже сега.

„Не би можел да кажам дали ќе може софтвер да има, тешко е да се ажурира. Но она што ќе го воведеме многу брзо е преку Агенцијата за администрација да се воведе комисија за ревизија во која ќе може да учествуваат и претставници на опозицијата и на владеачките партии, но и надворешни луѓе кои ќе прават ревизија на секоја постапка за вработување, за која постои сомневање. Сепак, од Агенцијата за тоа ќе информираат на прес конференција и тоа ќе го презентираат во детали“.

Дел од роднините на функционерите веќе поднесоа оставки, но сепак постапката на Антикорупциската комисија ќе продолжи и за нив. Првата постапка за евентуален непотизам при вработување, која се однесува на осумнаесет родинини на функционери од актуелната власт, новиот состав на Комисијата за спречување корупција ја отвори на 15 минатиот месец, за две недели подоцна да објави 42 нови предмети.