Тиквешките лозари никако не ги напуштаат старите навики. И понатаму после кроењето на лозовите насади ги спалуваат остатоците од лозата. Со тоа го загадуваат воздухот кој и онака е загаден од затоплувањето на домовите. Но, бидејќи палат неконтролирани огнови деновиве бројни се пожарите во Тиквешијата предизвикани токму поради овој несериозен однос на лозарите. И покрај многуте апели тие не се откажуваат од палењето.
„Тоа што го прават земјоделците од еколошки аспект воопшти не е во ред. Дел од нив ластарите од винова лоза ги прскаат и со нафта па ги спалуваат со што дополнително го загадуваат воздухот“ вели професор Ристо Вучков.
Тој апелира до земјоделците да се откажат од таа стара навика и наместо да палат огнови и да загадуваат, органските остатоци од лозата повторно да ги вратат во почвата, која со употребата на минерални ѓубрива е значително испостена.
„Растителните остатоци од лозата во Италија, Шпанија, Португалија не се спалуваат. Таму едно дрвце не спалува. По кроењето има дробилки кои го ситнат тој органски материјал и го враќаат во почвата“, додава д-р Вучков.
Овој стручњак смета дека ваквите лоши практики на земјоделците продолжуваат и поради не едуцираност. Смета дека Министерството за животна средина е потребно да е во директен контакт со производителите и да ги советува:
„Преку подрачните единици треба МЗШВ да ги советува лозарите. Имаме испостени почви на кои им е потребен органски материјал“.
Само минатата недела кавадаречките пожарникари интервенираа на гасење на дестетина пожари предизвикани токму од спалување на остатоци од виновата лоза. Еден од пожарите беше директна закана за боровата шума на месноста „Љубаш“.
Ангел Данов


