Имавте спор со Скопје за името, а не за територија, што е многу полесно – изјави српскиот шеф на дипломатијата, Ивица Дачиќ на почетокот на својот говор на економскиот форум во Делфи, честитајќи го Договорот од Преспа.
„Јас, како премиер и министер за надворешни работи на Република Србија ја предупредив ЕУ дека не е доволно активна во пронаоѓањето на решение за проблемите во овој регион. Значи, проблем кој постоеше многу години, за кој ништо не се случуваше. Можам само да им честитам на оние кои го иницираа решавањето на ова прашање. Како и во други случаи, станува збор само за политичка волја. Ако постои политичка волја за решавање на проблемот, секој проблем може да се реши. Тоа беше главната предност во вашите разговори. Сакам да ви честитам за договорот кој ќе овозможи подобри односи меѓу Атина и Скопје“, додаде Дачиќ.
Српското МНР соопшти дека според Дачиќ, Србија сака да постигне договор со Приштина.
Тој, правејќи историска анализа за Косово навел дека „во Југославија, во која беше и Северна Македонија, Косово беше провинција во Србија, а правото национално малцинство кое го сочинува мнозинството на дел од територијата да може да создаде држава без согласност на земјата од која сака да се отцепи, е многу проблематична.”
Дачиќ истакнал дека Србија е подготвена за компромиси, но дека тешко може да се постигне договор, ако албанската страна мисли дека компромисот е во тоа, Србија да ја признае независноста на Косово.
„Ние нема да преземеме ништо што ќе го наруши дијалогот, но ако се очекува решението за проблемот да е прифаќање независност на Косово, а Приштина да не создаде доволно политичка мудрост за компромис, тука тешко дека ќе има договор“, додал Дачиќ, оценувајќи дека Албанија и Косово сакаат да создат „Голема Албанија”.


