Стево Пендаровски е заедничкиот претседателски кандидат, соопшти премиерот Зоран Заев по средбата вечерва со партиите од коалицијата предводена од СДСМ и владината коалиција и сите поддржувачи на концептот за заеднички кандидат за претседател на државата.
– Почитувани граѓани се обединивме повторно сите Македонци, Албанци, Срби, Турци, Власи, Роми, Бошњаци и сите други. Првпат во македонската историја различните застануваат зад еден кандидат. Застануваме сите позади Стево Пендаровски. Надпартиски, европски, граѓански, пријател и претседател на сите и за сите граѓани на Република Северна Македонија, изјави премиерот.
Посочи дека Стево е човек кој одамна донел одлука да влече напред, а не надзад и ги избрал граѓаните.
– Изразувам голема благодарност за големината на другите наши кандидати фаворити. Радмила Шекеринска, Никола Димитров, Оливер Спасовски и другите кандидати. Големи луѓе, локомотиви на Владата кои одлучија да одработат во Владата, за реформите, за граѓаните. Одлучија да дадат предност на надпартискиот кандидат Стево Пендаровски. Да живее нашето заедништво, да живее нашето заедничко општество, да живее Северна Македонија со својот иден претседател Стево Пендаровски. Претседател кој ќе биде претседател на сите граѓани подеднакво во нашата земја Република Северна Македнија, рече Заев.
Посочи дека вечерва 31 политичка партија заедно се обединија и покажаа дека националните се над партиските интереси.
– Ова вечерва е историска одлука за Република Северна Македонија. Ќе има заеднички кандидат, претставен и поддржан од сите. Пред се од граѓаните, а после од нас политичарите и политичките партии и ќе биде претседател на сите граѓани на Република Северна Македонија, изјави Заев.
Нагласи дека одлуката мора да биде верификувана за да биде конечна од органите на одлучување на секоја од партиите и СДСМ тоа ќе го сторат во недела.
Прашан за коментар во однос на неодамнешната криза во владината коалиција, Заев рече дека тоа е демократија.
– Можеме некојпат да бидеме различни, но во коалицијата стоиме зад програма. Стоиме зад нашата земја. Стоиме зад иднината на оваа наша земја. Крупни одлуки се донесоа во оваа наша земја. Оваа одлука вечерва е само ветер во грб на досегашните одлуки. Република Северна Македонија членка во НАТО. Република Северна Македонија членка на ЕУ. Република Северна Македонија дом, татковина подеднакво на сите граѓани на нашата земја. Тоа е иднината, изјави Заев.
Прашан дали преговорите со албанската опозиција остануваат и понатаму за вториот круг од изборите, Заев рече дека тука завршиле преговорите и тие се определиле за својот кандидат.
На одлуката и’ претходеше координацијата СДСМ, каде беа разгледани фаворитите за претседателски кандидат, меѓу кои беа и Оливер Спасовски, Радмила Шекеринска, Никола Димитров, Ѓорѓи Филипов, Имер Селмани…
Кандидатот СДСМ ќе го промовира на конгрес в недела.
Премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев и претседателот на ДУИ Али Ахмети во средата постигнаа договор за заеднички претседателски кандидат, кој се очекува да биде поддржан и од Алтернатива и ДПА, како и други партии.
Алијансата за Албанците и БЕСА, пак, соопштија дека ќе ја поддржат номинацијата на амбасадорот и универзитетски професор Блерим Река. Тој од вчера се приклучи на списокот со официјални кандидати за претседател на кој е и Гордана Силјановска Давкова, зад чија кандидатура застана опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Првиот изборен круг за шестите претседателски избори е закажан за 21 април, а вториот ќе се одржи на 5 мај.


