Поранешниот премиер, Никола Груевски тврди дека доколку отидел во затвор, ќе го убиеле. Во интервју за италијанската телевизија РАИ, што по бегството, е негово прво интервју за емисија надвор од Балканскиот регион, Груевски вели – знаел дека има план да го убијат зад решетки. Сепак, тој додава не може да каже повеќе детали во врска со ова, бидејќи според него, македонските институции немаат доволно независност да извршат истрага од овој тип.
Наводниот план за негова ликвидација е една од причините поради кои одлучил да побара политички азил. Другата причина е тоа што, како што вели тој, случајот за кој беше осуден, е фабрификуван и фалсификуван.
Екс премиерот се одлучил за Унгарија бидејќи сметал дека таму институциите се независни. Токму унгарската дипломатија го организирала неговиот транспорт од Албанија до Унгарија. Како влегол на албанска територија и покрај тоа што му беше одземен пасошот, тој се уште не открива.
Во интервјуто, го повторува ставот дека е против Договорот од Преспа, иако е за членство на земјава во НАТО.
Да се бориш против овој Договор за некого е борба за Русија, но во реалноста ние се бориме за нашите права, за нашиот идентитет – истакнува Груевски.


