Сосиете женерал ја продава „Охридска банка” на „Штаермаркише” и „Шпаркасе банка” – ММС
ММС

Објавено на: 02/28/19 3:53 PM

Сосиете женерал ја продава „Охридска банка” на „Штаермаркише” и „Шпаркасе банка”

Шпаркасе ја купува Охридска банка. Со договорот за купопродажба кој беше потпишан денеска, акциите на Сосиете женерал во Охридска банка кои претставуваат 74,53 проценти од уделот во капиталот, преминуваат во сопственост на Штаермеркише Шпаркасе групацијата. Со проширувањето на активностите, оваа групација ќе располага со вкупна актива од околу милијарда евра, со што, по големина, ќе стане четврта банкарска групација во земјава.

Главниот извршен директор на Шпаркасе, Герхард Фабиш вели дека одлуката ја донеле поради совпаѓањето на големината и стратешката ориентација на Охридска банка со нивниот бизнис модел. Дека сценариото за стратешката привлечност било аргумент при одлучувањето потврдува и членот на Управниот одбор, Сава Далбоков, но и покрај ова, тој посочи дека голема улога одиграло и решавањето на спорот за името на земјава, откако беше потпишан Преспанскиот договор.

„Секако и Договорот имаше улога. Ние сме долгорочен инвеститор, но важно прашање е проценката на политичките ризици. Го следевме тој процес, верувавме и се надевавме дека ќе се постигне тој Договор и таа ситуација во која сме денес. Иако, во секое едно сценарио стратешката привлечност на Охридска банка е јасна, за нас имаше јаки аргументи. Сепак, за да се заокружи инвестициската приказна, развоите во последните четири, пет месеци одиграа важна улога“, изјави Далбоков.

На денешната прес конференција на која беа обелоденети деталите за соработката, новинарите прашаа што ќе значи договорот за купопродажба за вработените. Георг Бухер од Управниот одбор на Шпаркасе, рече дека како и сите банки, и тие размислуваат за оптимизација, но на долг рок планираат проширување.

„Прашањето за вработените е многу чувствително, а ако го погледнете европскиот банкарски пазар, ќе забележите дека сите размислуваме за оптимизација и намалување на бројот на вработени, што е резултат на оптимизацијата и новите технологии. Планираме да ја растеме банката, да ја прошируваме, очекуваме и земјата да расте со забрзан чекор. Во тој поглед очекуваме да ја растеме нашата банка, но и во поглед на луѓето, односно на вработените. Во Хрватска во 2004 инвестиравме со Ерсте и досега тројно се зголеми активата таму, но и бројот на вработени во Ерсте во Хрватска. Како што реков на почетокот, ќе се обидеме тој процес на неизвесност да го скратиме, да се скрати неизвесноста за вработените. Ќе ги вложиме сите напори за транспарентен процес. Би сакал тој да трае пократко, но има законски ограничувања кои го диктираат тоа темпо. Од стратешки аспект заедничката вкупна актива на двете банки ќе ни овозможи да се вброиме меѓу четирите водечки на локалниот пазар, имајќи предвид дека фокусот е на малите и средни претпријатија“, појасни Бухер.

Со проширувањето на активностите, Шпаркасе банка која во земјава постои од 2008 година, ќе има пазарен удел од 12 до 14%.

 

Вања Мицевска