Шахпаска: Законот за заштита од дискриминација ќе биде донесен до средината на март – ММС
ММС

Објавено на: 02/28/19 1:14 PM

Шахпаска: Законот за заштита од дискриминација ќе биде донесен до средината на март

Законот за спречување и заштита од дискриминација ќе биде изгласан во Собранието до средината на март – најави денеска пратеничката од СДСМ, Јагода Шахпаска.

„Претходно Комисијата за труд и социјална политика во Собранието ќе заседава ќе ги заврши сите свои обврски поврзани со овој закон. Со измените, за прв пат како основи за дискриминација се воведуваат сексуалната ориентација и родовиот идентитет. Се додава и нов облик на дискриминација со кој треба да се справуваме, а тоа е сегрегацијата“, изјави пратеничката на прес конференција, откако стотина невладини организации денеска побараа новиот Закон за заштита од дискриминација да биде донесен пред претседателските избори.

Таа додаде дека измените ќе ги прошират надлежностите на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација во насока на превенција. Новиот закон предвидува јасни критериуми за избор на членови на Комисијата, кој ќе добијат статус на функционери, со цел да спрофесионализира Комисијата.

„Едновремено, од судски трошоци се ослободуваат лицата кои ќе поведат судска постапка за заштита од дискриминација, а се зголемува и износот на прекршочните одредби за правни и физички лица за кои ќе се докаже дека сториле дискриминација. Здруженијата на граѓани и неформалните групи кои имаат оправдан интерес за заштита на одредена група или се занимаваат со заштита од дискриминација, ќе можат да поднесат тужба, ако со постапувањето на тужениот се дискриминирани поголем број лица“, рече Шахпаска, додавајќи дека за Законот очекуваат поддршка од сите пратеници без разлика на партиска определба.