Вкупно 4.000 ученици од осмо и четврто одделение во 150 основни училишта во земјата од април до мај ќе бидат тестирани по предметите математика, физика, хемија, биологија и географија во рамки на меѓународната студија ТИМСС (Трендови во меѓународна студија по математика и наука). Учениците од четврто одделение годинава првпат ќе бидат тестирани по ТИМСС. Од Министерството за образование и наука појаснуваат дека преку резултатите на учениците ќе се изврши мерење на нивните знаења и способности по математика и природната група на предмети и дека ќе се користат за понатамошен развој и осовременување на воспитно-образовниот систем. Училиштата се избрани по случаен избор, а предвид била земена локацијата на училиштето (село/град) и наставниот јазик. Училиштата каде што ќе се реализира тестирањето веќе се известени, а од секое училиште во примерокот по случаен избор се избрани паралелките кои ќе бидат опфатени со тестирањето,пишува Независен весник.
„По главното тестирање, ќе следува опсежен извештај. Врз основа на прибраните податоци од главното тестирање, ќе се направи компаративна анализа на резултатите на земјите учеснички во однос на интернационалниот просек, односно нашава држава ќе биде рангирана со останатите држави учеснички во студијата. Преку прашалниците за учениците, наставниците, родителите и директорите се добиваат податоци за тоа како училишната клима и култура, наставната практика, целите на наставните програми, социо-економските услови на учениците и училиштата, систематското уредување на образованието и друго влијаат врз постигањата на учениците“, велат од Министерството.
Од Министерството посочуваат дека вклучувањето на државата во студијата е многу значајно бидејќи преку неа ќе се добијат валидни податоци за математичката и писменоста во природните науки на учениците на крајот на IV одделение, податоци за нашиот образовен систем, сознанија за социо-економските и образовните фактори кои се поврзани со постигањата на учениците по овие предмети.


