Невладините бараат новиот Закон за заштита од дискриминација да се донесе пред изборите – ММС
ММС

Објавено на: 02/28/19 12:28 PM

Невладините бараат новиот Закон за заштита од дискриминација да се донесе пред изборите

Стотина здруженија, сојузи, фондации и мрежи на граѓански организации денеска апелираа Собранието итно да свика седница на Комисијата за труд и социјална политика, за да може  во пресрет на претседателските избори да се откочи донесувањето на Предлог законот за спречување и заштита од дискриминација. Новото законско решение е заглавено во Собранието веќе осум месеци, со што, како што велат невладините, граѓаните се лишени од ефективни и ефикасни механизми кои ќе ги заштитуваат од дискриминацијата со која секојдневно се соочуваат во различни области.

Досегашното законско решение не ја оствари целта, а мапираните недостатоци во постоечкиот закон се надминаа со Предлог-законот кој предвидува професионализација на Комисијата за заштита од дискриминација, построги критериуми за избор на комисионерите, јавно спроведен избор на комисионери, пократки рокови на постапката за заштита од дискриминација, јакнење на независноста на ова тело и зголемување на надлежностите – истакнаа денеска граѓанските здруженија.

Со законот се предвидува и ослободување од плаќање на трошоци за судски такси за граѓаните коишто ќе поведат постапка за дискриминација и се овозможува тужба за заштита од јавен интерес (actio popularis) – појаснуваат активистите за човекови права.

Освен ова, Предлог-законот како основи за дискриминација ги додава и сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основи за дискриминација, а ги доуредува и облиците на дискриминација. Имено, Предлог-законот ја препознава сегрегацијата како облик на дискриминација, што според невладините, е од исклучително значење на Ромите и луѓето со попреченост.

Истакнуваме дека донесувањето на Законот е неопходно за градење на еднакво и инклузивно општество во кое нема да се премолчува пред дискриминацијата кон кој било граѓанин и граѓанка.  Ромите, жените, луѓето со попреченост, ЛГБТИ луѓето, сиромашните и социјално исклучените граѓани, различните етнички заедници, сексуални работници, луѓето што живеат со ХИВ, луѓето што употребуваат дроги и останатите различни групи на пациенти, се соочуваат со маргинализација како последица од дискриминаторските практики на институциите и предрасудите од страна на околината – беше порачано на денешната прес конференција.

Со одолговлекување и блокирање на донесувањето на овој Закон, Собранието го загрозува и процесот на европските интеграции. Европската Комисија бара промена на законот согласно стандардите на европското право уште од 2011 година. Амбасадите кои ја поддржуваат Македонија во европските интеграции порачаа дека донесувањето на законот е услов за позитивен извештај за Македонија и за почеток на преговорите за членство. Предлог законот за спречување и заштита од дискриминација, како што е предложен на Собранието, веќе доби позитивно мислење од Венецијанската комисија што е уште една потврда за квалитетот на предлогот и за придобивките кои ќе ги донесе овој закон за граѓаните на нашата држава – е ставот на стотината невладини кои денешната прес конференција ја одржаа пред Собранието.