Санкции бара одговорност од службените лица во затворот Шутка – ММС
ММС

Објавено на: 02/28/19 10:10 AM

Санкции бара одговорност од службените лица во затворот Шутка

Управата за извршување на санкциите (УИС) бара одговорност од Затворот Скопје за инцидентот од минатата недела со двајцата притворници М.Ј. и С.Р., а препорача и зголемување на безбедноста во затворот. Во соопштението до јавноста УИС пишува дека овие заклучоци се по разгледувањето на извештајот од КПУ Затвор – Скопје, по што изготвила сопствен Записник од извршениот вондреден стручно-инструкторски надзор во КПУ Затвор, во кој се наведени согледувањата на УИС во врска со инцидентите од 21.02.2019 година.

Напоменуваме дека, во Извештајот на КПУ Затвор – Скопје, како и Записникот на УИС се опишани безбедносните процедури на КПУ Затвор – Скопје, кои не може да се споделат јавно поради опасност од безбедносен ризик, како и елементи кои може да бидат дел од натамошна постапка од други државни органи, поради кои Извештајот од КПУ Затвор – Скопје, односно Записникот на УИС, не може да бидат интегрално пренесени во јавноста.

Управата за извршување на санкциите обезбеди целосна документација: Службени белешки, изјави од службени лица од КПУ Затвор Скопје и припадници на затворската полиција, медицински известувања и снимки од камерите во ходниците и шеталиштата каде што се случиле инцидентите, а беше извршен и разговор со директорот на КПУ Затвор Скопје.

Службените лица од УИС не извршија разговор со притворените лица поради фактот што лицата се наоѓаат на издржување на мерката притвор, а согласно член 180 од Законот за кривична постапка, надзор над притворениците врши претседателот на надлежниот првостепен суд.

 

Во разговорот со службените лица од КПУ Затвор Скопје, истите информираа дека притворените лица биле примени на издржување на мерката притвор на ден 20.02.2019 година, во 22 часот, по што биле сместени во притворските простории.

Согласно проценката на сите параметри кои се однесуваат на ризикот при сместувањето на лицата во притворот, заповедникот заклучил дека овие притворени лица нема да имаат никакви проблеми во просториите во кои се сместени. Претходно, притворениот М.Ј бил сместен во просторија која на шеталиштето се среќавала со просторија во која престојувало едно лице осудено во кривичниот предмет „Диво Насеље“ и во текот на претходно изречениот притвор, немало никаков никаков проблем во текот на нивните средби.

Првиот настан се случил околу 11.10 часот – инволвираните во инцидентот биле спречени и разделени и од другите притвореници и од страна на затворската полиција.

Лицето С.Р. побарало средба со својот адвокат и одбило да биде однесено на преглед во болница.

Во 14 и 12 минути, се случува вториот инцидент, но овој пат останатите притвореници не реагирале и не помогнале да прекине инцидентот, туку стоеле настрана. Инцидентот бил веднаш прекинат од страна на затворската полиција.

За овој настан има изјави од инволвираните кои имаат спротивставени тврдења за тоа кој го започнал вербалниот инцидент.

По завршувањето на настаните, Директорот на УИС до КПУ Затвор Скопје достави препораки до директорот кој во моментот е во оставка која ќе биде констатирана по завршувањето на претседателските избори, односно во моментот кога ќе може да биде назначен нов директор.

Во овие препораки, УИС бара да има соодветна одговорност за сите оние службени лица од затворот кои допуштиле вакво сценарио. Одговорност мора да има, а според нашите сознанија, во КПУ Затвор Скопје веќе се почнати постапки на поведување дисциплинска одговорност.

Дадени се препораки и за дополнително зголемување на безбедноста на затворот, со тоа што одсега секоја просторија за престој ќе биде сама на шеталиштето со дополнително присуство на службено лице, стои во соопштението на Управата за извршување на санкции.