Комисијата за трговските ознаки меѓу Северна Македонија и Грција што треба да се формира во текот на оваа година, согласно Договорот од Преспа, предвидува дијалог меѓу бизнис заедниците, а не билатерален меѓудржавен дијалог. Ова го посочи генералниот секретар за трговија и заштита на потрошувачи од Министерството за економија и развој на Грција, Димитрис Авлонитис, кој одржа информативна средба со новинарите за трговските ознаки во рамките на Договорот од Преспа.
Тој објасни дека претставници на бизнис заедниците од двете земји, прво ќе се сретнат, за да ја регистрираат актуелната ситуација, да видат дали постојат проблеми, а потоа да најдат заемно прифатливи решенија за употребата на географските термини во трговските ознаки .
-Треба да потенцираме дека договорот е целосно компатибилен со европските и меѓународните правила за регистрација на трговска сопственост и имиња, односно не вметнува никаква отстапува ниту од меѓународното право и Договорот од Мадрид ниту од европското право кое е во надлежност на Европската канцеларија за интелектуална сопственост – рече Авлонитис.
На средбата со новинарите, генералниот секретар за трговија и заштита на потрошувачи истакна дека во Европската канцеларија за регистрација на трговски ознаки, регистрирани се вкупно 19 грчки трговски ознаки што го содржат терминот „Македонија” или „македонско/а/и”, додека пак од нашата земја нема ниту едно барање за регистрација.
Меѓу 19 различни обезбедени ознаки, неодамна била регистрирана е и „Македонската новинска агенција (МИА)”, односно делот од грчката новинска агенција со седиште во Солун.
На прашањето на дописничката на МИА од Атина, дали регистрирањата биле по Договорот од Преспа, генералниот секретар објасни дека оваа бројка е вкупна, неповрзана со решението меѓу двете земји и не се забележува никаква посебна раздвиженост поради договорот.
Одговарајќи на новинарски прашања, за два производи со исто име, на пример „македонска салца” што се продаваат во супер-маркет во Германија, а на едниот пишува произведено во Грција, на другиот, произведено во Северна Македонија, Авлонитис рече дека не постои никаков проблем во конкретниот случај.
Авлонитис повика на смиреност и им препорача на грчките бизнисмени да ја следат трговската стратегија што се користи до сега и ако сметаат дека треба да се регистрира нивниот производ, да го сторат тоа. Тој ги отфрли шпекулациите и информациите дека договорот дава можност за тужби за трговските ознаки.
-Би поставил и јас едно прашање, некој да ми одговори. Во кој суд би била тужбата и врз основа на која законска рамка? – рече Авлонитис.
Комисијата за трговските ознаки, согласно Договорот од Преспа, треба да се формира во текот на 2019 и ќе ја заврши нејзината работа во рок од три години.


